Шилегов му возврати на Стоилковски: Ниту еден денар од градската каса не е влезен во моето адвокатско друштво

 Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов го демантираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ дека како градоначалник го плаќал сопственото адвокатско друштво за консултантски услуги и рече дека со лаги и манипулации опозициската партија ја покажува својата безидејност.

Шилегов на прес-конференција рече дека Град Скопје и тој како градоначалник немаат склучено никаков договор, ниту еден денар од градската каса, рече, не е влезен во неговото адвокатско друштво.

– Вистината кога е ДПМНЕ во прашање е секогаш на обратна страна. Јас земам сопствени пари од моето адвокатско друштво.  Уште како пратеник во Собранието имам склучено договор за консултантски услуги со сопственото адвокатско друштво кое ме плаќа мене. Еве го договорот во 2015 и месечниот приход кој е уредно пријавен во анкетниот лист и предаден во Антикорупцсика комисија кога станав градоначалник. За тие средства од 50.000 денари уредно плаќам данок. Ги повикувам, да се радуваат на развојот на нашиот град, на она што градот изминативе три години чекор по чекор го постигна, изјави Шилегов и покажа документи за да ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ.

Скопскиот градоначалник додаде дека ВМРО-ДПМНЕ со лаги и манипулации покажува безидејност и дека се очигледни стравот и  немоќта, како што рече, да одговори на новите градски политики кои тој ги креира во изминативе три години и чии резултати се видливи и добро прифатени од граѓаните.

– Кога е таа структура во прашање, тргнуваат кон креирање  лаги и манипулации, додаде Шилегов.

Претходно, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоиловски ги искажа следните обвинувања на сметка на скопскиот градоначалник:

-Петре Шилегов како градоначалник на Скопје плаќа консултации за правни работи – внимавајте – сам на себе! Градоначалникот Шилегов склучил договор и го плаќал адвокатското друштво Шилегов. На Петре Шилегов малку му е платата како градоначалник на Скопје, особено што не работи ништо, па мора и хонорар да зема од градската каса! Со години, Петре адвокатот го советувал градоначалникот Шилегов за правни работи. И за тоа си исплаќа по 50.000 денари месечно. Или во просек, Шилегов си потпишува консултантски услуги сам на себе, за што скопјани му плаќаат околу 10.000 евра годишно. И тоа Шилегов го прави со години, нагласи Стоилковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот