Шилегов: Локацијата на Градска куќа е несреќно избрана

Советниците од власта во Град Скопје денеска одлучија да ја продадат новоизградената Градска куќа. Одлуката на градоначалникот, продажбата да ја стави на дневен ред, како вонредна точка која не била составен дел од материјалите доставени една недела пред одржување на советот, ги разгневи советниците од опозицијата, по што ја напуштија седницата.

– Како е можно објект кој се градеше со пари на граѓаните, сега да се продава? Оваа дополнителна точка која се предлага е како ултиматум. Во материјалот што го добивме нема доволно информации зошто се продава објектот, туку само кратко е напишано дека во него нема доволно простор, рече советникот од опозицијата Михајло Маневски.

Градоначалникот Петре Шилегов даде објаснување за ваквата одлука во кое што рече дека објектот бил претесен за во него да се смести целата администрација.

– Канцелариите во Градската куќа се предвидени да се користат по т.н. океански систем, што јас сметам дека е несоодветно, ако ги почитуваме работните обврски на административците. Дополнително, во објектот може да се смести само една третина од вработените, или околу 360 луѓе. Дополнително, според територијалната протипожарна единица на Град Скопје, објектот е спорен бидејќи нема влез и излез за итни случаи – рече Шилегов.

Причина повеќе за ваквата одлука според градоначалникот била и локацијата на Градската куќа.

– Локацијата е несреќно избрана, или што би се рекло народски, отпадна е. Таму не поминува автобус на јавниот превоз, местото е надвор од центарот на Градот, што ќе им оневозможува на граѓаните непречено да ги завршат обврските во просториите на градските служби – објаснуваше Шилегов зошто е подобро да се продаде Градската куќа.

Градската куќа е проценета на 787 милиони денари, што ќе биде и почетна цена при продажбата. Со продажбата, како што рече Шилегов, нема да бидат оштетени ниту Градот Скопје, ниту вработените, ниту пак граѓаните.

Бараките во кои сега е сместена градската администрација се изградени во 1963 година. Планот беше до оваа нова година Град Скопје да се пресели во новите простории, но продажбата на објектот ќе го пролонгира селењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот