ВИДЕО: Шилегов и Арсовска се расправаа за тоа кој истрпел повеќе напади, Перо Камиказа повремено влетуваше

Данела Арсовска, Петре Шилегов и Петар Георгиевски-Камиказа во предизборна дебата на Канал 5 / 15 октомври 2021 / фото: Канал 5

Финалното соочување меѓу дел од кандидатите за градоначалник на Скопје на телевизијата Канал 5 вечерва понуди многу повеќе препукувања и лични навреди, отколку суштинска дискусија за развојот на главниот град во следните четири години.

Кандидатите поддржани од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Петре Шилегов и Данела Арсовска, уште на самиот почеток од дебатата влегоа во расправија околу тоа кој каква кампања водел и кој какви компетенции за управување со Градот имал, а тонот и атмосферата останаа слични до крајот на емисијата. Во дебатата учествуваше и кандидатот на Левица, Петар Георгиевски – Камиказа, кој се обидуваше да го искорити стеснетиот простор за неговите аргументи и прашања кон Шилегов.

Актуелниот градоначалник најпрвин ја обвини Арсовска дека манипулира со граѓаните затоа што се претставува како независна, а всушност е кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ.

„Вие сте кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, се обидувате да ги манипулирате граѓаните. 135.000 евра се уплатени пари од членови на ВМРО-ДПМНЕ. Авто-сервис од Пробиштип, луѓе од Пехчево, Вељуша, додаде Шилегов, мислејќи на струмичкото село Вељуса и презентирајќи официјален документ за тоа кој ја финансира кампањата на неговата противкандидатка.

Арсовска одговори со контраобвинување за „црната кампања“ што според неа ја водел Шилегов и побара тој да се извини, меѓу другото, и за тоа што навредите и лажните тврдења за неа ги пласирал преку неговиот официјален, градоначалнички профил на Фејсбук.

„Сметам дека на сите граѓани, а ни нас скопјани ни е преку глава од политичари, верувам дека луѓето се свесни дека од празни ветувања немаме ништо во изминатите четири години. Имаме реализација не нешто кое што 2017та-2021та година е во тек, притоа кога ќе кажете во тек тоа не значи дека сте го реализирале, тоа значи нешто сакате да прикажете на луѓето дека сте отпочнале,“ рече таа.

Шилегов рече и дека Арсовска не е подготвена за функцијата на која претендира, затоа што, според него, таа нема познавања од основни работи поврзани со функционирањето на градската администрација и со надлежностите на Градот. Кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ возврати дека Шилегов нема „никаква домашна, ниту политичка култура“. Арсовска го нарече „градоначалникот во заминување“, што го навреди Шилегов, кој запраша дали е во ред тој нејзе да ја нарекува „кандидат за градоначалник во неуспешен обид“.

Георгиевски најави дека првата работа што ќе ја направи доколку седне во градоначалничката фотелја е ревизија на проектот за згради на паркингот кај хотелот „Холидеј ин“, како и изградба на ботаничка градина во Расадник, „последната слободна зона во Скопје, каде што нема да может да никнат зградурини како кај „Холидеј ин“.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот