Шилегов: Град Скопје нема ингеренции да ги урне дивоградбите на Матка

Градот Скопје, во системот на управување со градот нема ингеренција што произлегува од Законот за локална самоуправа да има градежна инспекција што ќе се справува со дивоградбите на територијата на градот. Тие ингеренции согласно законот се префрлени на општините што се во рамките на административните граници на град Скопје, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, одговарајќи на советничко прашање од советникот Луке Галевски во однос на дивоградбите на езерото Матка.

– Секоја инспекција треба самостојно да си ги организира сопствените служби, вклучително и градежната инспекција. Ние што можеме да го направиме како град, тоа го правиме – рече Шилегов.

Тој вели дека доколку градот има ингеренции да ги сруши дивоградбите на Матка оти тоа и ќе го направи. Додаде дека немаат законско право.

– Во менталната политичка матрица на СДСМ кое е политичко мнозинство во овој совет и јас како градоначалник избран од редовите на СДСМ, не е да тргуваме со луѓе. Трговијата припаѓа на политиката на која вие сте претставник, а сте опозиција. Уцените на луѓето со нивните здравствени состојби, заканите со работните места, бркањата, вие сте во една редакција што заокружуваше луѓе со црвени крукчиња затоа што излагале на протести. Оцрнувавте луѓе само затоа што имаат различно мислење, дисквалификувавте семејства, затворавте луѓе по затвори само затоа што имаа различни мислења. Тоа не е менталната матрица на СДСМ. Ние со гласови не тргуваме. Ние се обраќаме кон граѓаните на Република Северна Македонија со нашите идеи политички платформи и програми – рече Шилегов.

Советникот Галевски на тоа одговори дека Шилегов припаѓа на опција што го сменила Уставот по пат на тргување со пратеници.

– Знам дека ова не е Собрание и веројатно вие како советник треба да знаете што се законските можности на Градот и дека од кога јас раководам со Градот се бориме против урбаното дивеење на начин што институциите и секторите што овде работат и во целост бескомпромисно и без делби ги спроведуваат законските прописи – рече Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот