Шилегов ги повика работодавците да обезбедат паркинг за велосипеди за вработените (ГАЛЕРИЈА) – Слободен печат
ВестиСкопје

Шилегов ги повика работодавците да обезбедат паркинг за велосипеди за вработените (ГАЛЕРИЈА)

Дали Градот размислува да го реши и овој проблем на велосипедистите денеска го прашавме Шилегов, по што тој ги повика работодавците, сопственици на фирми и компании, како и јавните институции на своите вработени да им обезбедат место за паркинг на велосипеди

Скопје е рамен град, град во кој без преголем напор може да возите велосипед и е пример како треба да изгледа еден велосипедски град. Во изминативе две години ние сериозно вложуваме во развој на велосипедската инфраструктура со цел да го стимулираме ваквиот начин на транспорт и на граѓаните да им овозможиме што полесно да стигнат од една точка до друга, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на целта на велосипедско-пешачкото дефиле во Градскиот парк.

Тој заедно со останатите велосипедисти, во рамки на Европската недела на мобилност, низ скопските улици се движеше со велосипед, а на крај порача дека тоа е пример како по главните сообраќајници може да се движиме на алтернативен начин.

– За две години можеби во Скопје нема да ви биде потребен автомобил за да се движите низ центарот на градот. И сега не е потребен, бидејќи анализите покажуваат дека просечен граѓанин поминува 2 до 3 километри со автомобил што многу е побрзо и едноставно да се постигне пешки, со велосипед или тротинет, како што користам јас и стигнувам многу побрзо – рече Шилегов и потсети дека изминатиов период направени се велосипедски патеки во должина од 25 километри, со што, како што кажа, значително е подобрена велосипедската инфраструктура, а зголемена е и безбедноста на велосипедистите.

Но, според тврдењето на велосипедистите, проблем во Скопје не се само велосипедските патеки, туку и паркиралиштата.

– Голем дел од граѓаните кои возат велосипед имаат проблем со паркирање. Во Скопје има многу мал број паркиралишта за велосипеди. Мој предлог е на секој постоечки паркинг за автомобили, едно од местата наменето за коли да се пренамани со што ќе се добијат десетина места за точаци – вели Дарко Арсовски од неформалната група „На точак“.

Дали Градот размислува да го реши и овој проблем на велосипедистите денеска го прашавме Шилегов, по што тој ги повика работодавците, сопственици на фирми и компании, како и јавните институции на своите вработени да им обезбедат место за паркинг на велосипеди.

This slideshow requires JavaScript.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close