Шилегов, Георгиевски, Богдановиќ и Марин очекуваат поддршка на претстојните избори

фото МИА

Мислам дека СДСМ без оглед на личните и персонални решенија кои ќе бидат во постапката која што треба да заврши, ќе има целосно право, целосен легитимитет да побра иста или слична доверба од граѓаните на Скопје, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во врска со претстојните локални избори.

Шилегов, по денешниот настан по повод започнувањето на изградбата на третата фаза од проектот за изградба на булевар „АСНОМ”, изјави дека се во тек на внатрепартиска постапка и процедура за избор на кандидати за градоначалници на општините, меѓу кои и дел од скопските општини.

– Ќе почекаме тој процес да созрее. Успеавме како екипа да наметнеме нови стандарди, нови критериуми, особено кога е Градот Скопје во прашање. Некогаш беше поедноставно, некогаш беше покомплексно, кажа Шилегов.

Градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски, на новинарско прашање за негово потенцијално кандидирање и зошто би ја заслужил повторно довербата од граѓаните, изјави дека најпрво се посветени на капиталните проекти и обврски кои што ги имаат до крајот на мандатот.

– Не сме воопшто оптеоварени околу внатрепартиската структура и постапка која што трае за кандидирање на градоначалник што треба да заврши до крајот на месецот или почетокот на август. Мислам дека јавното мислење, јавните анкети кои што СДСМ ги прави за сите општини, вклучувајќи ја и Гази Баба, ќе го понудат најдоброто, рече Георгиевски.

Дополни дека ќе го следат барањето и гласот на народот вклучувајќи ги и партиските структури кои што, како што кажа, се водат од она што е најдобро.

Златко Марин, градоначалник на Општина Аеродром истакна дека би се кандидирал повторно затоа што, како што кажа, „тоа го бараат граѓаните”.

– Ако земеме во предвид што сме направиле за четири години, сме направиле две градинки, во завршна фаза е училиштето. Доградба на уште едно училиште, 10 нови паркови, 30 нови детски и спортски игралишта, уредување на сите зелени површини. Нормално дека имаме амбиција да имаме втор мандат, кажа Марин кој дополни дека истражувањата траат и доколку анкетите покажат дека тој треба да биде кандидат, ќе биде, доколку не, ќе одат на победа со друг кандидат.

Прашан дали тековните случувања со градењето спроти „Холидеј Ин” ќе влијаат врз изборот на граѓаните на Општина Центар, градоначалникот Саша Богдановиќ, изјави дека не може да влијае затоа што Општина Центар, како што кажа, покажала подготвеност дека сака да направи промени.

– Нормално, имаме пресуда од Уставен суд која што е клучна и нè стопираше во такви активности, но, ние не се откажуваме. Јас неколку пати повторувам дека нашата политика ќе ја спроведуваме со менување на ДУП-овите, веќе имаме неколку променети, неколку се поготвени повторно да бидат заменети, но и во спроведувањето на постоечките, истакна Богдановиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот