Шилегов донел две решенија за сечење вкупно 16 дрвја на Орце Николов

Петре Шилегов, Градоначалник на Град Скопје / Фото: Ристе Пејовски/Слободен печат.

Решенијата се донесени по претходни барања од Општина Центар и откако е утврдена состојбата на дрвјата на улицата, па за дел од нив е одобрено сечење, а за останатите кастрење на крошните.

Град Скопје ја објави документацијата со која се одобрува сечење на 16 дрвја на улицата Орце Николов, на тој начин демантирајќи ги обвинувањата од  ВМРО-ДПМНЕ дека „Град Скопје и Општина Центар имале решение за сечење 3 дрвја, а исекоа 10“.

– За сите исечени дрвја во град Скопје постои уредна документација. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со старата тактика да лаже, манипулира, дезинформира и да ги блокира сите проекти што го подобруваат квалитетот на живот во Скопје и затоа ќе биде повторно казнета на следните локални избори – нагласуваат од Град Скопје.

Дел од документацијата што беше испратена до медиумите и до граѓаните, се две барања од Општина Центар за сечење и кастрење суви и стари листопадни дрвја, кои се опасни за околината и можат да паднат и притоа да повредат некого и да предизвикаат материјална штета. Од Секторот за комунални работи на Град Скопје се бара пред почетокот на реконструкцијата на Орце Николов да се изврши увид и да се утврди кои од дрвјата на дрворедот на улицата се стари и кај кои започнал процесот на сушење, а со самото тоа да се одреди кои се сечење, а кои за кастрење.

На 19 мај, врз основа на овие барања, градоначалникот Петре Шилегов донел решение за сечење 10 дрвја (9 јавори и една смрека) , како и кроење на целиот дрворед,  на потегот од крстосницата со улицата Ленинова, до крстосницата со улицата Рузвелтова, откако претходно е утврдена состојбата на дрвјата и е констатирано дека оние што се за сечење се целосно суви и имаат шупливи стебла.

На 5 јуни е донесено уште едно решение со кое се одобрува сечење уште на шест дрва, од кои пет јавори и една липа во должина на улицата Орце Николов, со истото образложение и по извршен увид на состојбата на дрвјата.

Ден претходно ВМРО-ДПМНЕ обвини дека во решението е наведено дека ќе се изврши кроење на дрвата што значи нивно обликување, а не сечење како што се случи на улицата Орце Николов.

– Ова е решението со кое се одобрува сечење на 10 дрвја како и кроење на цел дрворед во должина на улицата Орце Николов. Многу нелогичности има во самото решение. Најпрво, решението е издадено за сечење на 10 дрва што се наоѓаат на потегот од раскрсницата со Рузвелтова до раскрсницата со Ленинова. Дополнително, според информациите со кои располагаме, на овој дел од улицата Орце Николов требало да се исечат само три дрвја од овие десет за кои има дозвола за сечење согласно решението, а исечени се вкупно тринаесет. За ваквото манипулирање со граѓаните потребно е Град Скопје да ја достави на увид целата документација, а Шилегов треба да биде свесен дека постапувањето спротивно на законите повлекува одговорност – изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Во меѓувреме, градоначалникот на Општина Центар неколкупати изјави дека има решение за сечење 13 стари дрвја, а дека се исечени осум, но дека на местото на исечените ќе се засадат нови.

Сечењето предизвика голема вознемиреност кај јавноста, а изминатиот викенд се одржа и протест во организација на „Зелен хуман град“, на кој до градската власт, меѓу другите, е упатено и барање да се запре извршувањето на решението издадено од Град Скопје за да се спасат преостанатите дрвја, кои сè уште не се исечени. Граѓаните исто така побараа јавно да се објават сите документи што содржат стручни аргументи врз основа на кои градоначалникот на Град Скопје го донел решението за сечење на десет дрвја, но и да се ажурира Зелениот катастар на Скопје со сите неопходни информации, а ЈП „Паркови и зеленило“ во согласност со тековно ажурираните информации на Зелениот катастар, задолжително да изработи план за лекување на дрвјата кои со професионална нега може да се спасат и тој доследно да го применува.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот