Шилегов до пожарникарите: Продолжете да бидете наша гордост

фото: Драган Митрески

Во противпожарната станица во Автокоманда денеска беше одбележан 20 Мај – Денот на пожарникарството. Свеченоста почна со постројување на скопските пожарникари, а командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, на градоначалникот Петре Шилегов му поднесе рапорт. Шилегов, во свое лично име и во името на граѓаните на Скопје им се заблагодари на пожарникарите за посветеноста и пожртвуваноста што ја покажуваат вршејќи ја оваа благородна професија.

– Градот Скопје вложува во опремување и модернизација на Противпожарната бригада. Минатата година обезбедивме нов симулатор за пламени удари кој се користи за вежби преку симулација на реални услови на пожар. Беше набавен нов разгласен систем и во целост беа заменети гаражните врати. Набавени се нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури. Ова се само дел од тековните потреби на една модерна Бригада за противпожарна заштита. Знаеме дека оваа опрема долго време ја очекувавте и свесни сме дека вашите потреби не завршуваат тука. На Бригадата за противпожарна заштита и е потребна нова и модерна опрема согласно со европските стандарди – рече денеска Шилегов.

Бригадата за противпожарна заштита од оваа година е побогата за нови 20 пожарникари, а предвидени се и дополнителни 50 вработувања.

– На тој начин, го зголемуваме капацитетот на бригадата, а истовремено сме чекор поблизу до исполнување на европските стандарди согласно со кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1.500 жители. Вложувањата во развојот на пожарникарството не смеат да престанат. Со секое наредно вложување во техничката опрема и човечките капацитети на противпожарната бригада работиме на создавање услови за поголема безбедност на граѓаните – додаде Шилегов.

Тој нагласи дека заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од витално значење за Скопје.

– Секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет, и без вас оваа хумана мисија би била невозможна. Продолжете да бидете наша гордост и гаранција за нашиот безбеден живот – порача градоначалникот Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот