ВИДЕО | Шилегов: БРТ целосно ќе го трансформира јавниот превоз во Скопје, ќе се укинат постоечките автобуски линии

Многу реакции и негодувања се појавија откако минатиот месец градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, го презентираше проектот за брз автобуски превоз БРТ во главниот град. Граѓаните останаа без доволно детали за да го склопат мозаикот за овој масивен проект што Градот ќе го чини 70 милиони евра, заем од ЕБРД, кој веќе е потпишан и ќе се реализира во две транши.

Познато е дека БРТ ќе опфати две линии со коридори резервирани само за ултраеколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици.

Новиот градски брз превоз ги укинува сите постојни автобуски линии и предвидува воспоставување нови реонски кружни автобуски линии, чија цел е патниците да ги донесат до стојалиште на БРТ, од каде што ќе го продолжат патувањето во саканиот правец.

-Целосно ќе се смени јавниот превоз во Град Скопје. Автобуските линии што сега постојат ќе ги нема. Кога ќе го имате БРТ, фактички ќе немате потреба од 5-ка, 15-ка бидејќи ќе се движи автобусот во тој правец. Сите други автобуски линии ќе вртат во круг. Има реакции зошто во Општина Сарај не оди БРТ, а тоа е затоа што таму немаме инфраструктура за да го поддржи системот, меѓутоа ќе има еден автобус што цело време ќе врти од Општина Сарај до Ѓорче Петров каде што ќе ги истовари патниците за да се качат на БРТ. Или на пример Козле, ќе има автобус што ќе ги истовара патниците на Партизанска и ќе се врати назад, фактички ќе врти во круг и граѓаните ќе имаат брз начин како да дојдат до БРТ, кое потоа ќе ги носи до другите дестинации што ги имаат или ќе може од Ново Лисиче до Автокоманда да се воспостави таква линија. Цел систем апсолутно ќе се смени – вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Затворени стојалишта и дигитална сигнализација

На трасата по која од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе сообраќа БРТ ќе бидат изградени нови автобуски стојалишта, вкупно 21 и ќе бидат од затворен тип во кои нема да може да се влезе ако не се валидира билетот.

-Значи дека ќе нема шверцување и сите стојалишта ќе бидат во близина на пешачки премин, со што патниците ќе имаат безбеден пристап до автобусите. Вратите ќе се отвораат во момент кога ќе пристигне возилото – објаснува Шилегов додавајќи дека кај Железничката станица, пероните ќе имаат топла врска со стојалиштето на БРТ што значи дека патниците што дошле со воз во Скопје ќе може да се прекачат на автобус без да бидат изложени на надворешните временски услови.

Она што го прави брз БРТ-превозот е секако и дигиталната сигнализација, која веќе се воведува во Скопје преку проектот „Смарт сити“ и тоа значи дека овие автобуси ќе имаат предност пред другите возила во сообраќајот.

-Целокупната сигнализација на раскрсниците со оглед на тоа што станува збор за сериозно дигитален систем, ќе биде посветена на БРТ. Кога ќе доаѓаат возилата на БРТ, си има дигитална најава и вклучувањето и исклучувањето на сигналите ќе биде во функција на БРТ кој ќе може да помине додека другите ќе стојат на раскрсница – вели Шилегов.

Тој објасни дека според целиот проект, Малиот Ринг или улицата од Собранието на РСМ до Палома Бјанка ќе биде претворена во пешачка зона каде што ќе сообраќа само БРТ, како и возилата на итната помош и пожарната и жителите на околните згради во строгиот центар ќе имаат можност да влезат и да излезат до нивните згради со автомобили.

Како спорна точка што дополнително ќе треба да се уреди е делот кај Градската болница, но постојат решенија што се во рамките на проектот.

Приклучувањето на Партизанска од центарот на Скопје е преку булеварот ВМРО од каде што БРТ ќе продолжи да вози до крајот на Партизански одреди по што после кружниот тек кај Порта Влае автобусот пристигнува на последната станица – депото на ЈСП.

Автобус наместо трамвај

Со градоначалникот Петре Шилегов околу 12 часот напладне релацијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров со автомобил ја поминавме за околу 40 минути, а кога ќе почне да сообраќа БРТ кон крајот на 2023 година, ова возење ќе трае околу 35 минути.

-На оваа релација е предвидено да сообраќаат 13 автобуси на комбинирана технологија природен гас и електрична енергија како и уште 13 на линијата од Кисела Вода до Бутел кои ќе се вкрстуваат на раскрсницата кај Веро Џамбо – објасни Шилегов.

Со кредитот од ЕБРД од 70 милиони евра наменат за БРТ-превозот во Скопје, предвидена е и набавката на автобусите ЦНГ хибрид.

-Во моментов технологијата на електричните автобуси не е толку развиена за на нив да го базираме целиот јавен превоз. Проблем со електричните автобуси е што во еден момент, особено навечер кога го нема превозот, ќе треба сите автобуси од флотата на ЈСП, околу 300 да ги приклучите на струја и за тоа ќе ни требаат околу 18-20 милиони евра да направиме ново трафо. Таков капацитет сега нема – дециден е Шилегов.

Шилегов најавува еколошки, безбеден градски превоз, без застој во сообраќајот и уништување на постоечкото зеленило во жардиниеритеСпоред него, на проектот се работело повеќе од 2,5 години од страна на градските служби, експерти што беа ангажирани од Градот како и експерти – консултанти од ЕБРД која е банка партнер на Градот во целиот проект и која поддржува еколошки проекти каков што е овој.

-Трасата на БРТ не е нешто што сум го измислил јас како градоначалник или некој од моите претходници. Тоа е истата траса предвидена во урбанистичкото планирање на нашиот град и по која требаше или треба да се движи трамвај. БРТ е супституција на трамвај. Современите градови што немаат шински превоз имаат БРТ. Станува збор за многу еколошки превоз. БРТ на оваа линија од Ново Лисиче до Ѓорче како проект чини 40 милиони евра, а ако беше трамвај тоа се 150 милиони евра. Целокупниот систем сега што чини 70 милиони евра – ако влезе во трамвајско решение би чинело 380 милиони евра – тврди градоначалникот на Скопје, кој очекува од граѓаните да добие и втор мандат во кој целосното модерно решение за јавниот превоз ќе се види на дело.

Тој уште еднаш нагласи дека целиот проект не е на штета на зеленилото во постојните жардиниери на булеварите Јане Сандански и Партизански одреди каде што главно се движи БРТ и веќе кон крајот на месецот или на почетокот на јуни експертите од ЕБРД ќе ги обзнанат сите детали за проектот што целосно ќе го промени ликот на градот. 

Еден билет за целиот систем на јавен превоз

Со оглед на тоа што дел од граѓаните ќе мора да користат два автобуса, наместо еден како што користеле досега за одредени дестинации во градот, градоначалникот уверува дека тоа ќе биде регулирано со ист билет што ќе важи за двете возења – и со кружниот и со БРТ.

-Тикетингот или политика на карта е посебна наука што се применува во светот во смисла да понудите повеќе опции. Глобално возењето во БРТ или поради БРТ нема да биде причина за зголемување на цената на картата. Едно валидирање на картата важи за целиот систем на јавен превоз. Ако се качите во Козле и таму ја валидирате картата при влезот во БРТ нема да го правите тоа уште еднаш зошто системот останува интегрален за целиот јавен превоз – вели Шилегов со кого се возевме со автомобил по трасата по која од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе сообраќа линијата на БРТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот