Шилегов: Бесплатен градски превоз за пензионери, медицински транспорт, пакет за младите и идните родители

Петре Шилегов/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Актуелниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов објави неколку ветувања, кои како што вели ќе ги реализира во следните четири години. Како што вели тој, овој пакет од социјални поволности е наменет за сите групи, за возрасните и пензионерите, лицата со попреченост, лицата со ретки болести, младите и идните родители.

Бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата, бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот, вети меѓу другото Петре Шилегов, кандидат за градоначалник на Град Скопје од СДСМ.

– Лицата со ретки болести кои живеат во Скопје ќе можат исто така бесплатно да го користат јавниот градски превоз. Трошоците за хроничната терапија која ја примаат ги олеснуваме преку финансиско ослободување за јавниот превоз, за нив и за нивната придружба при користење на превозот. На сите постдипломци и докторанди кои студираат во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Учениците од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште, рече Шилегов денеска претставувајќи дел од својата предизборна програма.

Тој ветува 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети, а за секој средношколец од државните училишта, бесплатно овошје за време на училишниот престој.

– Го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50% од месечниот трошок. За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот, додаде Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот