Шилегов: Ако има други слободни парцели во близина на ОУ „Блаже Конески“, би било добро да се разгледаат

Од општина Аеродром остануваат на ставот дека во училишниот двор на ОУ „Блаже Конески“ треба да се изгради градинка, бидејќи, како што потенцираат, во овој дел од општината има потреба од нови капацитети за згрижување на деца од предшколска воздраст.

-​ Според Деталниот урбанистички план Градска четврт И11 од 2013 година, на тоа место е впишана маркичка В2 – детска градинка. Моментално се изработува идеен проект за градинката. Станува збор за најсовремено решение со површина од 2.500 м2, со атриум, внатрешно и надворешно зеленило, зелен покрив и со капацитет на згрижување од 300 до 400 деца. Истовремено ќе се обезбедат и дополнителни 70 вработувања. Поради големата потреба од објекти за згрижување деца во овој дел од Аеродром, а и поради недостаток на државно земјиште каде што би можело да се гради, во Урбанистичкиот план е предвидена локацијата во дворот на ООУ „Блаже Конески“, – објаснуваат од општината.

Зошто токму на оваа парцела е предвидено да се гради нов објект, и дали истиот е запишан во Генералниот урбанистички план на Град Скопје денеска го прашавме градоначалникот на Град Скопје.

– Станува збор за детално урбанистичко планирање, во кое Градот за жал нема увид. Парцелите кои беа во државна сопственост при донесувањето на Генералниот урбанистички план и беа доделени на Општина Аеродром. Дел од родителите бараат нова градинка, другите пак бараат детско игралиште. Не би знаел да кажам дали во близина има други празни парцели за ваква намена, но ако има би било добро да се разгледаат – рече Шилегов.

Родителите чии деца посетуваат настава во ОУ „Блаже Конески“ во саботата организираа протест против одлуката во дворот на училишето да се изгради детска градинка. Според претходните планови, градинка требаше да се гради на просторот на старото игралиште „Југ“, кое во моментов е руина и див паркинг. Зошто овој план е стопиран, прашавме во општината, од каде што велат:

„Според Деталниот урбанистички план, за посочената локација поранешно игралиште Југ, е предвидено парковско зеленило Д1“.

Градоначалникот Златко Марин на средбата со граѓаните во саботата најави уште една средба и разгледување на сите можности во насока на изнаоѓање прифатливо решение за сите.

Во објава на Фејсбук на еден од организаторите на протестот стои:

„Браво за сите што дојдоа! Не имаше многу и се надеваме дека нашиот глас беше слушнат и ќе биде земен во предвид од надлежните. Ќе ја чекаме средбата која ја најави Градоначалникот за две недели, пак да бидеме бројни и да бидеме истрајни во нашата цел. Не сме против градинка, туку сме против градинка на локацијата на нашето игралиште“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот