Шевченко предупредува: Македонија заслужува респект
Селекторот на Украина, Андриј Шевченко вели дека утрешниот натпревар од второто коло на Евро 2020 против Македонија воопшто нема да биде лесен за неговите фудбалери. Легендарниот фудбалер кој сега е предводник на Украина, вели дека избраниците на Ангеловски го заслужуваат сиот респект.
– Македонија ги заслужува сиот респект и мора да бидеме внимателни. Македонија игра со карактер, има неверојатен лидер и добар систем на игра. Речиси секогаш играат во формација 5-3-2 но имаат одлични контри. Сигурно е дека не очекуваме никакви „подароци“ на теренот – вели Шевченко.
Украина во првото коло загуби од Холандија со 3:2, но и покрај поразот атмосферата во репрезентацијата е на високо ниво.
– Атмосферата ни е одлична, знаеме дека одигравме добар меч, а малку фалеше да стигнеме до добар резултат и многу позитивно сме настроени кон овој меч. Ние имаме потполно разбирање во тимот, сите ги знаеме целите и затоа нема потреба од некои посебни зборови како дополнителна мотивација. За овој меч ќе мора да сме многу добри психички подготовени, а мислам дека сме – смета Шевченко.
И украинските репрезентативци се свесни дека мора да ја заработат победата на теренот.
– Ние утре ќе го играме најважниот натпревар за нас на ова ЕП. Мора да победиме и ќе дадеме се од себе да ги освоиме трите бодови. Горан Пандев е искусен фудбалер кој играл и игра во одлични екипи и сите знаат дека е врвен играч кој добро ја контролира топката – вели Мукола Матвијенко.