Шест „зомби вируси“ ни се враќаат поради климатските промени

Фото: Pexels/Karolina Grabowska

Античките вируси, оние кои не се видени никаде во светот со векови, може да ги избришат луѓето поради климатските промени, предупредуваат научниците.

Честичките од болестите остануваат заразни дури и до денешно време, заробени во мамутската волна, сибирските мумии, праисториските волци, па дури и во белите дробови на жртвата на грип закопана во замрзната земја, открија истражувачите. Институции во Русија, Германија и во Франција работеа заедно во новата студија, која покажа дека „ризикот сигурно ќе се зголеми во контекст на глобалното затоплување. Топењето на вечниот мраз ќе продолжи да се забрзува, ослободувајќи некои болести кои биле заробени во пермафростот уште од праисториско време“.

Во изминатите децении научниците откопаа неколку микроби од фосилните записи на вечниот мраз, а анализите покажуваат дека „зомби“ вирусите би можеле да се вратат.

Грип

Научниците ексхумираа тело на жена Инуити закопана во масовна гробница на жртви на грип во близина на зафрлено село надвор од градот Бревиг Мисион, Алјаска.

Благодарение на вечниот мраз била сочувана доволно рибонуклеинска киселина од вирусот на инфлуенца и тоа толку добро што истражувачите можеа да го секвенционираат целиот геном на вирусот на инфлуенца од 1918 година.

Откритието е показател за тоа колку лесно смртоносните вируси можат да се зачуваат во вечниот мраз на Арктикот, велат истражувачите.

Патологот д-р Јохан В. Хултин намерно барал примероци од грип кои би можеле да им помогнат на медицинските истражувачи подобро да разберат како да се борат против идните пандемии.

Сипаници

Според Светската здравствена организација на Обединетите нации, малите сипаници официјално беа искоренети на глобално ниво во 1980 година.

Но, во 2004 година, француски и руски научници пронајдоа сипаници во ледена сибирска мумија стара 300 години, замрзната во тундрата на руската република Саха.

Мумијата датира од брзо направени гробови за време на појавата на сипаници кон крајот на 17. до почетокот на 18. век во североисточниот сибирски регион.

Секој од археолошките локалитети се состоеше од замрзнати дрвени гробови закопани во вечниот мраз, но необичниот гроб со сипаници беше наполнет со пет замрзнати мумии.

Индивидуалните погребувања биле традиционална практика во регионот во тоа време, а понатамошните анализи им сугерирале на истражувачите дека труповите биле закопувани брзо по нивната смрт.

Pitovirus sibericum

Со околу 1,5 микрометри, pitovirus sibericum е повеќе од седум пати поголем од модерниот вирус што го инфицира човекот, чија големина обично се движи од 20 до 200 нанометри.

За прв пат извлечен од сибирскиот вечен мраз во 2014 година, од 30 метри под земја, џиновскиот антички вирус е еден од ретките вируси видлив под обичен светлосен микроскоп.

Француски научници од Националниот центар за научни истражувања на Универзитетот во Екс-Марсеј го воскреснаа 30.000-годишниот зомби pitovirus sibericum со изложување на жртвени амеби на вирусот.

„Ова е првпат да видиме вирус кој е сè уште заразен по ова време“, рече тогаш професорот Клавери.

„Лесноста со која овие нови вируси беа изолирани сугерира дека заразните честички на вируси специфични за многу други неиспитани еукариотски домаќини, вклучувајќи ги луѓето и животните, веројатно остануваат во изобилство во древниот вечен мраз“.

Вирус „Волк“ Pakmanvirus lupus

Античкиот роднина на вирусот на африканска свинска чума, pakmanvirus lupus беше пронајден кога се одмрзна од 27.000 години старите црева на замрзнат сибирски волк.

Остатоците од овој сибирски волк (Canis lupus) се пронајдени на истото корито на реката Јана како и двата мамутски вируси.

Како и останатит антички вируси со големи димензии, pakmanvirus lupus сè уште е способен да оживее и да убива амеби, иако е надвор од играта уште од мезолитот или средното камено доба.

Pandoravirus и megavirus mamut

И двата вируси беа откриени во грутка мраз и замрзната волна од мамут стар 27.000 години на бреговите на реката Јана во Русија.

Како и претходните древни џиновски вируси и двата се покажаа способни да убиваат амеби.

Истражувачите ги избраа амебите како тест „канаринци“ бидејќи овие едноклеточни организми се доволно блиску до еукариотските клетки слични на луѓето и животните за да бидат информативни, но не доволно блиску за да ризикуваат да создадат нова пандемија.

Научниците оваа година напишаа дека сè уште е „легитимно да се размислува за ризикот древните вирусни честички да останат заразни и да се вратат во оптек со одмрзнувањето на древните слоеви на вечниот мраз“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот