Шест најчести причини за зголемен број на леукоцити во урината

Фото Архива на СП

Леукоцитите или белите крвни клетки се дел од природниот одбранбен систем. Во нормална состојба, леукоцитите или воопшто не се присутни во урината или се присутни во мошне мали количини.

1. Инфекција на уринарниот тракт. Присуството на леукоцити во урината многу често е последица на инфекција во некој дел од уринарниот тракт. Повеќето инфекции го зафаќаат долниот дел на уринарниот систем, односно на мочниот меур и уретрата, а инфекцијата се јавува кога во уринарниот тракт ќе влезе бактерија, па ќе почне забрзано да се размножува во мочниот меур. Доколку не се лекуваат, овие инфекции можат да се прошират на бубрезите.

2. Камења во бубрезите. Зголемен број на леукоцити во урината може да биде знак за камења во бубрезите. Урината вообичаено содржи растворени минерали и соли, а луѓето кои имаат високи нивоа на овие минерали и соли во урината, имаат и зголемен ризик од развој на камења во бубрезите. Камењата што доаѓаат до уретрата можат да го блокираат патот на урината, што доведува до размножување на бактерии и развој на инфекција.

3. Инфекција на бубрезите. Ова е уште една можна причина за зголемениот број на леукоцити во урината. Инфекциите на бубрезите често започнуваат во уринарниот тракт, од каде потоа се шират на бубрезите. Иако тоа не се случува често, можно е и бактериите од другите делови на телото да се рашират низ крвотокот и да стигнат до бубрезите.

4. Блокада на уринарниот тракт. Блокадата на патиштата во уринарниот тракт, која може да биде последица на траума, камења во бубрезите или тумори, може да доведе до хематурија, односно до појава на крв во урината.

5. Бременост. Трудниците обично имаат зголемен број на леукоцити во крвта. Ако тоа зголемување не е претерано или придружено со некои невообичаени симптоми, таа појава не е причина за загриженост.

6. Задржување на урината. Ова е лоша навика бидејќи предолгото задржување на урината може да го ослаби мочниот меур и да го отежне неговото празнење. А, доколку урината остане премногу долго во мочниот меур, може да се развие бактериска инфекција и да се зголеми бројот на леукоцитите во урината.

Знаци и симптоми

Еден од највоочливите знаци на присутност на леукоцити во урината е заматениот или интензивно непријатниот мирис на урината. Зачестеното уринирање, болката и пецкањето при уринирањето или присуството на траги од крв во урината исто така може да укажуваaт на леукоцитите во урината. Други можни симптоми вклучуваат треперење и зголемена телесна температура, болка во горниот дел од грбот, болка во стомакот, гадење или повраќање, долготрајна болка во карлицата и болка за време на сексуалниот однос.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот