Шест докажани начини како да го сочувате мозокот од пропаѓање

profimedia

Од 16. до 23. март се случува Недела на мозокот (Brain Awareness Week). Прочитајте ги 6-те докажани начини како да го сочувате овој најважен орган здрав, според советите на докторите од Клиника Клевленд.

Стилот на живот има важна улога во здравјето на мозокот – тоа што јадеме и пиеме, дали вежбаме, колку добро и квалитетно спиеме, начинот на кој се дружиме и како управуваме со стресот.

Физичка активност

Тоа што е добро за вашето срце – добро е и за вашиот мозок. Редовното вежбање го подобрува сонот, расположението, придонесува за одржување на здрава телесна тежина, го намалува ризикот од срцеви заболувања и канцер, ги одржува коските и мозокот здрав. Билокаква физичка активност е подобра од никаква. Истражувањето објавено во „American Journal of Geriatric Psychiatry“ ја покажува врската меѓу долготрајните умерени телесни активности и зголемувањето на волуменот на хипокампусот – делот од мозокот кој се бави со формирање на долгорочно памтење. Овој дел од мозокот најпрв се оштетува при Алцхајмерова болест.

Храна

Тоа си, што јадеш – вели познатата изрека. Храната која е богата со антиоксиданси може да помогне во превенција на штетни последици на мозокот предизвикани од оксидација. Истражувањата покажале дека медитеранската исхрана богата со риба, житарки, зелен зеленчук, маслинки и ореви помага во одржување на здравјето на мозокот. Затоа, гответе и јадете свежа храна. Јадење храна со висока количина на масти, како црвено месо, путер и млечни производи, е поврзано со развојот на дегенеративни болести, вклучувајќи ги и болестите на срцето и Алцхајмеровата болест.

Редовни здравствени прегледи

Хипертензија, дијабетес, дебелина, депресија, траума на главата, висок холестерол и пушење, го зголемуваат ризикот од деменција. Можете да ги контролирате и намалите тие ризици. Најмалку еднаш годишно посетете доктор, направете прегледи и следете ги препораките на лекарот. Различни здравствени состојби се силно поврзани со падот на функцијата на мозокот. Затоа, одржувајте го вашиот крвен притисок и тежина на здраво ниво, земајте ги лековите како што е пропишано, намалете го внесувањето на сол и шеќер, останете активни, дружете се и настојувајте да имате оптимистички пристап во секојдневниот живот. Се ова може да ви помогне да ја задржите острината, меморијата и виталноста на мозокот во староста.

Спиење и одмор

Спиењето ви дава енергија, го подобрува расположението и имунитетот и може да го намали собирањето во мозокот на абнормалниот протеин наречен бета-амилоиден плак, што е поврзан со Алцхајмеровата болест. Вежбање, медитација и управување со стресот можат да помогнат да се спречи падот на здравјето на мозокот поврзано со возраста.

Ментален фитнес

Менталното вежбање е подеднакво важно како телесното. Овие вежби ги подобруваат функциите на мозокот и промовираат раст на нови мозочни клетки, а ја намалуваат можноста за развој на деменција. Со мозокот е слично како и со мускулите, ако не ги употребуваш – ги губиш. Таканаречените резерви на мозокот почнуваат да се развиваат во детството и се зголемуваат со текот на возрасната доба. Луѓето кои продолжуваат да учат, ги прифаќаат новите активности и развиваат нови вештини ја подобруваат својата резерва на мозокот.

Богат социјален живот

Ако водите активен социјален живот, тоа може да ве заштити од губење на памтењето. Минување на време со други луѓе, со семејството и пријателите, добро е за здравјето на мозокот. Истражувањата покажале дека кај лицата кои имаат поголема интеракција со други лица, доаѓа до побавно опаѓање на памтењето. Од пропаѓање на памтењето штитат и среќните партнерски врски како и изнаоѓање на цели во животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот