Шест болести што можете да ги добиете од празничното прејадување

Фото: Профимедиа

Мрсната, зачинета храна, слатките и алкохолот дури и кај здравите луѓе понекогаш предизвикуваат сериозни проблеми со варењето, несоница и главоболки. Лекарите ги советуваат сите, особено хроничните пациенти, да бидат умерени и да се воздржуваат од намирниците кои можат да им ги влошат постоечките проблеми.

Болките во желудникот, лошото варење, киселините, ждригавицата, подуеноста и повраќањето најчесто се последица на празничното прејадување. Ако на тоа се додадат поголеми колични алкохол и газирани пијалаци, намалено движење и престој во зачадени простории, јасно е зошто празниците понекогаш лошо се одразуваат на нашето здравје. Изобилството од храна и пијалаци кај здравите луѓе предизвикува минливи стомачни тегоби, а кај хроничните болни ја влошува состојбата. Ако со алкохолот комбинирате слатки и други производи богати со шеќер, неговото дејство уште повеќе се интензивира. Затоа овие комбинации би требало да ги избегнувате.

Што се случува со вишокот храна

Сѐ што ќе изедеме оди во желудникот, и тука се вари. Меѓутоа, желудникот е мал, не поголем од стисната тупаница, и не е во состојба да прими поголема количина храна. Кога е полн е, всушност, три пати зголемен во однос на својата вообичаена големина и притиска на белите дробови и на дијафрагма. Како последица на тоа се појавува отежнато дишење и замор. Кога желудникот нема да ја прими сета количина храна, еден дел останува во хранопроводникот, што предизвика киселина, мачнина и ждригавица. За да се свари вишокот храна, потребно е црниот дроб да произведува дополнителна количина жолчка, а цревата дополнителни ензими за варење.

Киселина во желудникот и ждригавица

Прва последица од прејадувањето. Обично се јавува еден час по јадењето како чувство на „жештина“ во градниот кош. Придружната болка е понекогаш исклучително силна, како во случај на инфаркт на миокардот.
Како да се спречи – внесувајте умерени количини храна. Избегнувајте лута, зачинета храна и алкохол, јадете полека, прошетајте по оброкот.

Хипертензија (висок крвен притисок)

Премногу солената и мрсна храна предизвикува скок на крвниот притисок и кај здравите лица. Затоа и тие, како и луѓето кои веќе страдаат од хипертензија, би требало да поведат сметка колку и што јадат бидејќи зголемениот крвен притисок доведува до инфаркт или до мозочен удар. Лицата со зголемен крвен притисок би требало и за време на празниците редовно да го мерат притисокот и да ја земаат терапијата.
Што треба да се избегнува: мрсна храна, месни преработени производи, солени и кисели салати, алкохол.

Дијабетес

За време на празниците, кога се јаде повеќе од обично, дијабетичарите треба почесто да го мерат нивото на шеќер во крвта и со лекарот да се посоветуваат за евентуално земање поголема доза на лекови или инсулин. Воедно би требало да бидат особено претпазливи во исхраната и почесто, односно барем пет-шест пати дневно, да земаат мали порции разновидна храна. Доколку изедат некоја намирница која поради изобилството од калории им е забранета, дијабетичарите треба да го намалат внесот на другата храна за да не го пречекорат оптималниот број на калории.
Што треба да се избегнува: мрсна храна, месни преработени производи, слатки.

Мигрена

Алкохолот ги шири крвните садови, па интензивната главоболка е честа последица од прекумерно консумирање алкохолни пијалаци. Главоболката настаната поради алкохол ќе ја ублажите со кафе бидејќи ги стеснува крвните садови кои алкохолот ги раширил. Две лажички мед пред и по пијалакот исто така помагаат да се избегне главоболката. Истиот ефект го имаат и овошните сокови бидејќи фруктозата го разложува алкохолот.

Чир на желудникот

До појава на чир на желудникот често доаѓа поради консумирање мрсна, лута и зачинета храна, како и поради алкохолот. Ризикот од напад, без оглед дали е прв или повторувачки, е поголем за време на празниците кога споменатите намирници се неизоставен дел на трпезата. Дали сте претерале со храната и алкохолните пијалаци, ќе знаете доколку почувствувате силна болка еден или три часа по јадењето. Во тој случај испијте чаша вода во која сте измешале мала лажица сода бикарбона.
Што треба да се избегнува: лута и мрсна храна, алкохол.

Камен во жолчка

Покрај болките во стомакот кои се шират десно под ребрата и под десната плешка и знаат да бидат многу силни, главни симптоми на камен во жолчката се мачнината и подуеноста. Овие тешкотии се интензивираат доколку болните не се придржуваат на диеталниот режим на исхрана. Лекарите особена претпазливост препорачуваат на дебелите лица кои имаат камен во жолчното ќесе бидејќи тие се изложени на поголем ризик од акутен панкреатит.
Што треба да се избегнува: јајца, мрсна храна, слатки, алкохол.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот