Шекеринска: Во следниот период сите членки ќе го ратификуваат протоколот за влез во НАТО - Слободен печат
ВестиМакедонија

Шекеринска: Во следниот период сите членки ќе го ратификуваат протоколот за влез во НАТО

Таа потоа одговораше и на прашања, во интервју за МИА, во врска со членството во НАТО на нашата држава.

Министерскиот состанок на Северноатлантскиот совет на Алијансата на кој учествува министерката за одбрана Радмила Шекеринска, продолжи денеска со две сесии, посветени на буџетирањето на одбраната.
Таа потоа одговораше и на прашања, во интервју за МИА, во врска со членството во НАТО на нашата држава.
Министерке, ова втор ваш министерски состанок во НАТО, можете ли да ни кажете за што се зборуваше овие два дена во Алијансата?

Ако го вклучите телевизорот на некој од глобалните канали, темите коишто ќе ги чуете таму тоа се темите за кои НАТО дискутира. Во принцип се дискутираше за односите со Русија, и фактот дека Русија го напушти практично договорот кој долги години ја штитеше безбедноста на светот, не само делот што е под НАТО. Дискутиравме за состојбите во Авганистан, дискутиравме за реформите во НАТО и делењето на обврските помеѓу земјите членки. Преведено тоа значи до каде сме со двата проценти од бруто домашниот производ, но и новите програми коишто ги планира Алијансата и нејзините земји членки. Планови од вселенските програми, развивање на нови оружја, меѓутоа и создавање на друг тип на интероперабилни сили, значи сето она што во моментов го окупира светот низ призмата на безбедноста, сето тоа е на агендата на НАТО.

Околу нуклеарниот договор со Русија, до кој степен треба ние како држава да бидеме загрижени особено со оглед на тоа што протоколот сѐ уште не е ратификуван во сите земји членки, постои ли безбедносен ризик за Македонија?

Главниот ризик е ризикот што го имаме како дел од овој свет. Во случај на нуклеарна закана, дали сте во НАТО или надвор од НАТО, во принцип цената ќе ја плати секој човек, секоја земја, и тоа е опасност која светот со право се труди да ја избегне. Меѓутоа односите НАТО-Русија се разбира дека влијаат на нас, влијаат и на состојбите во регионот и ние со право кажавме дека нашата брза трака за НАТО членство, фактот дека сите земји членки ја препознаа шансата и почнаа брзи ратификации покажа дека земјите членки не сакаат ништо да остават на случајот и дека сакаат она што се почна да се заокружи без било какви влијанија од страна. Тоа што ние знаевме да почнеме на време, да покажеме дека со реформите сме сериозни, со тоа што ги решивме двата крупни проблеми, и односите со Бугарија и со Грција, им дадовме шанса на НАТО земјите да ни помогнат. Ја создадовме шансата, ја искористивме. Меѓутоа, морав да признам и пред колегите министри за одбрана дека НАТО Алијансата со брзата реакција на земјите членки покажа дека точно знае каде се предизвиците и дека кога ќе и се даде шанса, таа шанса ја искористува.

Ќе се навратам на ратификациите, но пред тоа да ве прашам околу нуклеарниот договор дали навистина постои толкав безбедносен ризик за Европа доколку Русија не се усогласи и САД се повлече до 2 август, постои ли вистински ризик од некаков конфликт на европска територија или се претерува со овие предупредувања?

Малку е покомплексно. Овој договор долго време беше сидрото за стабилноста во светот и елиминирање на стравот од нуклеарна катастрофа. Таа нуклеарна катастрофа ќе се одрази на сите и тој беше некаква гаранција дека сите се свесни за ризиците поврзани со нуклеарното оружје. Проценката на земјите членки на НАТО, не само сега, туку во последно време, беше дека Русија не ги исполнува своите обврски и дека де факто се повлекла иако не формално, затоа беше дадено малку време со дискусии со дипломатски, со политички разговори сепак да се спаси договорот. За неколку дена ќе се случи состанок НАТО-Русија на кој ова ќе биде главна тема. Меѓутоа рокот е краток за решение. Тоа е 2 август кога овој договор практично истекува. Факт е дека ако немаме некаква гаранција за придржување кон некакви правила за нуклеарното оружје, целиот свет спие понемирно. Ако се вратите наназад ќе видите дека 60-те години поминаа под притисок од опасноста од нуклеарна војна, така што не е само опасноста само за Европа, опасноста е навистина глобална. Главниот плус е што никој не може да излезе победник од таквата војна, но сепак овие политички радикализации на ставовите, фактот дека некои правила кои се почитувале во минатото веќе не важат, сите ги прави загрижени. И тоа чувство на загриженост е изразено од сите земји членки.

Колку е решение САД да се повлечат од тој договор и да ја остават Русија без надзор?

Решението не е да имаме верба во зборови кои ништо не значат. Решението е да постои договор и сите да се придржуваат кон договореното. И затоа и на состаноците и генералниот секретар во име на НАТО Алијансата ја испрати најважната порака, а тоа е дека нема разлики помеѓу земјите членки на НАТО и сите се обединети во ставот дека овој договор е важен, но дека е важен само ако и Русија се придржува до него.

Беше ли побарано став од вас како македонска министерка на некоја од темите кои се разговараа на овој состанок?

Состаноците се одвиваат според вообичаени правила, а тоа е дека сами барате збор, таа шанса гледам и јас и моите колеги да ја искористиме секој пат, да го кажеме нашето мислење за теми коишто се однесуваат и на нашата безбедност и на светската безбедност.

Можете да споделите со нас на кои теми зборувавте?

Практично важи правилото дека во најголем дел од дискусиите речиси сите учествуваат, така што ние немаме премногу шанси да кажеме нешто, а да го чујат, на пример, сите министри за одбрана. И денеска имав прилика затоа да зборувам и за нашите реформи, и за поддршката којашто ја добивме од НАТО земјите членки и за подготовките коишто ги правиме во делот на одбраната, во делот на сајбер, хибрид заканите, но и да се заблагодарам за силната политичка поддршка со брзите ратификации. Се разбира и дека ќе споменеме очекување дека и останатите брзо ќе завршат. Но, велам, ретко кога мала земја како Северна Македонија има шанси во тие три или пет минути да го каже својот став, а тој став да го чујат, да го забележат, на некој начин и верификуваат најмоќните земји во светот. И тоа е шансата која ќе треба сѐ повеќе да ја користиме.

Имавте неколку билатерални средби, вклучително и со земји кои сѐ уште не го ратификувале протоколот за Северна Македонија. Како напредува процесот и оптимист ли сте дека до декември ќе се заокружи?

На сите средби провејува еден став, а тоа е дека сите се стопроцентно убедени дека ратификацијата треба да заврши час поскоро и сите даваат поддршка на нашето членство без ама, без но, без резерви. И тоа е важна порака, и поради тој впечаток и став имаме толку брза ратификација. И дури сега постои една поголема колегијалност. Денеска еден од колегите ме информираше дека нивниот претседател го потпишал ратификуваниот протокол, со што тој е целосно на сила. Во случајов е Португалија земјата за која станува збор. Но сите други најавија ратификации во следните два-три месеци. И сите рекоа дека за Алијансата би било голем плус процесот да заврши до декември. Факт е дека 29 земји и 29 парламенти се секогаш не до крај предвидливи. Имате фактор икс и на тоа мора да внимаваме. Може во некоја земја да ви се случат избори, и само од процедурални причини да има одредено доцнење. Целта ни е да не оставаме ништо на случајот. Сѐ што зависи од нас го завршивме. Сѐ што зависи од нас го тераме како што треба. Да не дадеме шанса за било какви дилеми.

Со Турција, разликите се испеглани?

Сите сигнали што ги добивавме од Турција е дека веднаш после овие локални избори и враќањето на нивниот парламент во нормално функционирање дека очекуваат ратификација.

Последно прашање, ќе ги постигнеме ли тие два отсто БДП за одбраната?

Ние покажавме дека тоа што ќе го најавиме го исполнуваме. Така беше првата година, 2018-та, зголемувањето кое го најавивме го реализиравме. Прв пат две години по ред имаме зголемување на одвоените средства за одбрана. Денеска соопштив дека веќе следната година, ние ќе го исполниме вториот услов од Велс, а тоа е 20 отсто од буџетот да оди на модернизација. И со истата динамика од 0,2 процентни поени на покачувањето на одвојувањето за одбраната, до 2024-та ќе стигнеме до двата проценти. Но, она што е важно не е само колку пари трошиме, туку како ги трошиме. Затоа обезбедивме овие две години навистина невообичаено зголемување на транспарентноста, дури и во област како што е одбраната. Затоа до Собрание го предложивме и новиот закон за набавки во одбраната каде што се прилагодуваме на европските стандарди и воведуваме можности дел од модернизацијата да ја правиме во договор со некоја од земјите членки на НАТО. И на тој начин малку ги елиминираме можностите и за корупција и за одредени комерцијални лобирања, а даваме шанса нашата армија навистина лесно да соработува со сојузничките армии. Добро е тоа за нашите капацитети, ама добро ќе биде и за НАТО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close