Шекеринска во Минхен на неформални средби со министри за одбрана

Министерката имала можност да се сретне и поразговара со колегите министри, со секретарот за одбрана на САД Марк Еспер, како и со германската министерка за одбрана и француската министерка Флоренс Парли.

Во рамки на 53-тата Минхенска безбедносна конференција, министерката за одбрана Радмила Шекеринска присуствуваше на неформалната средба на министрите за одбрана организирана од германската министерка за одбрана Анегрет Крамп- Каренбауер.

Од Министерството за одбрана соопштија дека Шекеринска имала можност да се сретне и поразговара со колегите министри, со секретарот за одбрана на САД Марк Еспер, како и со германската министерка за одбрана и француската министерка Флоренс Парли. Тема на разговоритe биле приоритетите на одбраната и натамошната соработка, а министрите и упатиле честитки на Шекеринска за членството во НАТО и изразиле подготвеност за интензивирање на натамошната соработка.

На маргините на конференцијата, Шекеринска имала одвоени средби со премиерот Албин Курти и шефот на дипломатијата на Косово Глаук Конјуфча, со парламентарниот потсекретар за безбедносна и одбранбена политика во германското Министерство за одбрана Петер Таубер, како и со генералот Куртис Скапароти – поранешен командант на американските сили и на Здружената команда на НАТО за Европа, сега во својство на претставник на меѓународната група Кохен која дава врвни експеризи од областа на одбраната и безбедноста.

– На средбите стана збор за новиот статус на Северна Македонија како НАТО членка и постигнатиот прогрес и меѓусебната соработка во одбраната, соопштија од Министерството.

Во рамки на конференцијата, Шекеринска учествувала и на тркалезната маса под наслов „Нарушување на перцепциите со цел подобро лидерство”, чија тема била улогата на жените во политиката.

–  Прогресот во родовата еднаквост не треба да се земе здраво за готово, туку е потребна континуирана посветеност. Жените во политиката често се изложени на вербално па дури и физичко насилство кои се закана за родовата еднаквост. Кога првпат влегов во Парламентот, бев само една од седумте жени. Ја видов пристрасноста зашто сум жена, зашто бев млада и зашто зборував отворено. Сега имаме Парламент со околу 40 проценти жени и да не беше системот на квоти кои го воведовме во 2002, ова немаше никогаш да биде реалност, истакнала Шекеринска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот