Шекеринска вели „има разлика“: Нашиот воен претставник во НАТО не е одбиен, туку сè уште не му е издаден сертификат

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во вечерашното гостување во дневникот на ТВ Сител ги оцени како несериозни обвинувањата од опозицијата за кандидатот за воен претставник во НАТО. Таа подвлече дека не станува збор за одбивање на кандидатот за воен претставник и оти во ниту еден момент досега не е добиен сигнал дека некој го прекршил законот или направил нешто спротивно на ингеренциите.

– Немаме проблем со одбивање во овој момент. Воениот претставник за кој се зборува, не е одбиен, само не му е издаден сертификат. Тоа се две различни работи. Никој не вели – луѓето направиле злочин, туку велат – во моментот сè уште мислиме дека имаме одредени резерви кои може да не бидат објективни, појасни Шекеринска.

Обвинувањата на опозицијата, како што рече, се несериозни обвинувања за многу сериозна работа.

– Да сум пола од несериозните луѓе во ВМРО-ДПМНЕ, денеска би требало да излезам и да кажам дека одговорност треба да понесе ВМРО-ДПМНЕ бидејќи за сите случаи за кои јас знам, тие издале сертификат претходно. Со потписи на нивни луѓе, биле издадени такви сертификати. Ако некој треба да зборува за погрешна проценка, адресата би требало да биде на ВМРО-ДПМНЕ, рече Шекеринска.

Годинава, обврска на државата е да се пополнат и командните места во НАТО каде ќе бидат испратени луѓе со највисоки НАТО сертификати.

Во однос на можноста за професионалните војници со навршени 45 години да одлучат дали ќе продолжат со работа во некоја од државните институции или пак ќе искористат т.н. испратнина со финансиски средства од 1.000 евра за секоја година помината во службата на Армијата, министерката вечерва изјави дека ќе има средства за реализација на оваа опција.

– Оваа година имаме околу 107 војници кои ќе наполнат 45 години. Од нив, овие месеци додека не стапи законот во сила, ќе важи старото решение, меѓутоа очекуваме дека дефинитивно 70-тина ќе го имаат изборот. Веќе знаеме дека 10-ина ќе останат во Армијата како цивилни лица. Еден дел сега заминуваат во пожарните во Скопје, во Кичево и во Валандово, еден дел ќе се префрлат во судската полиција, но еден дел претпоставуваме дека ќе ја изберат оваа опција и тоа би чинело некаде околу милион и 200 илјади евра на годишно ниво, рече Шекеринска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот