Шекеринска: Решение за Законот за јазици ќе бараме во духот на едно општество за сите

Многу сериозно ќе го анализираме мислењето  на Венецијанската комисија, ќе земеме предвид различни забелешки и ќе се трудиме да најдеме решение кое ќе биде плус за сите граѓани во државата. Ова денеска на прес-конференција го истакна заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска. 

По долгите дискусии за Законот за јазици ние, како што рече таа, излеговме со текст зад кој застанавме и добивме сериозно мнозинство и во Собранието, кажавме дека имаме и одредени дилеми и за тие дилеми, но и за целиот Закон, самата Влада побара мислење од Венецијанската комисија.

– Според тоа што имавме прилика директно да го прочитаме, а не да го видиме толкувано од страна на некој, за некои прашања имаат дилеми, за некои прашања нема дилеми, за некои прашања Венецијанската комисија оди и чекор напред. Многу сериозно ќе го анализираме мислењето, ќе земеме предвид различни забелешки и ќе се трудиме да најдеме решение кое ќе биде плус за сите граѓани во државата. Како Влада побаравме од Венецијанската комисија да ни достави мислење по законот и да ни достави мислења по две прашања кои ги оставивме за отворени. Кога ќе го добиеме сето ова, ќе го извлечеме најдобриот можен резултат за сите граѓани – рече Шекеринска.

Таа рече дека долго време законот е на сила и додаде оти ниту еден граѓанин не платил казна зошто не знае албански јазик. Никој не е натеран да користи нешто што не го знае или не сака да го користи, како што некои тврдеа.
– Покажавме дека ова прашање не е табу и покажавме дека ова прашање сакаме да го решаваме како држава која навистина гради едно општество за сите. Со таков дух, со такви аргументи ќе го погледнеме мислењето на Венецијанската комисија и ќе излеземе со заеднички став. Не веруваме во еднократно менување на овие важни закони, но веруваме дека сите партнери во коалицијата ќе го почитуваме тоа што сме си го презеле како обврска на почетокот. Сметаме дека ова не е прашање кое треба повторно да ја дели државата. Видовме како неодговорни политичари не доведоа на раб на војна создавајќи страв кој беше нереален – рече Шекеринска.

Таа изрази надеж дека сите, државата, граѓаните и некои од партиите научиле нешто од тоа искуство и додаде дека сакаат да бидат принципиелни по сите прашања и сакаат да најдат решенија кои ќе бидат најдобри за нашата држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот