Шекеринска: Приемот во НАТО и доаѓањето на SEEBRIG се круна на успешната година во одбраната (ВИДЕО)

Со свеченост во кумановската касарна „Боро Менков” денеска се одбележа отпочнувањето со работа на главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа кој до 2026 година ќе функционира во нашата земја.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска пред присутните порача дека стационирањето на Командата на SEEBRIG во нашата земја и полноправното членство во НАТО се две нешта за кои можеме да бидеме задоволни, во година која ќе биде запаметена и по глобалната криза со пандемијата на корона вирусот.

-Ова за нас носи голема одговорност, но и покажува дека ние можеме да го зголемиме нашето влијание и да станеме силен фактор за регионалната стабилност и соработка. Тоа ќе го направиме и преку присуството на главната команда на SEEBRIG во нашата земја, но и преку зголемување на нашето учество во НАТО операции во регионот- рече министерката Шекеринска и дополни дека е исклучително важно да продолжиме да инвестираме во регионалната стабилност.

Шекеринска истакна дека токму во Бригадата на Југоисточна Европа ги научивме чекорите за мултинационална соработка, јакнење на тимскиот дух и професионализмот во одбраната.

Министерката им се заблагодари на сите припадници на Бригадата за нивниот придонес, како и на сегашниот и сите минати команданти на SEEBRIG. На досегашниот командант, романскиот бригаден генерал Тудорика Петраче кој денеска ја предаде функцијата на бригадниот генерал Аристедеис Илиопулос, му се заблагодари, како што рече, за видливата енергија, сила и оптимизам со кои ја водел Бригадата минатите години. На генералот Илиопулос му порача дека во неа, во Министерството и во сите институции во земјата има партнер поддржувач.

-Јас сум уверена дека SEEBRIG беше создаден за сите ние да можеме да се разбереме подобро и да не се плашиме едни од други и верувам дека ние ги надминавме тие препреки. SEEBRIG стоеше цврсто низ тешки времиња изминатите 21 година, како мост на разбирање и соработка помеѓу шест земји – Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција и во тоа е неговата големина, тоа ја зголемува неговата улога во регионалната соработка- заклучи министерката Шекеринска.

Досегашниот командант на Бригадата, генералот Петраче и честиташе на нашата земја за приемот во НАТО и изрази задоволство од подготовката на новата локација за командата на SEEBRIG во Куманово. Новоназначениот командант на Бригадата, бригадниот генерал Илиопулос порача дека SEEBRIG пред 21 година беше креиран со цел да придонесе кон регионалната стабилност и безбедност, како и со цел да ги унапреди добрососедските односи помеѓу земјите – членки. Тој се заблагодари на нашата земја како земја домаќин на Командата за досегашната поддршка и ефикасната адаптација во новата работна средина.

На свеченоста за SEEBRIG присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски, началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски, и бројни гости од одбраната и дипломатијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот