Шекеринска од Криволак: Воениот полигон е одличен ресурс и за НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска направи увид во активностите кои ги изведува инженерискиот баталјон на армискиот полигон „Криволак” за проширување на неговите капацитети. Изјави дека Воениот полигон Криволак е одличен ресурс за нашата Армија, но дека ќе стане одличен ресурс и за НАТО.

-Го добивав прашањето „Што е тоа што  Северна Македонија може да го понуди на НАТО? Денеска сме практично на местото коешто го дава тој одговор. Воениот полигон Криволак е одличен ресурс за нашата армија, меѓутоа воениот полигон Криволак ќе стане одличен ресурс и за НАТО алијансата. Со инвестициите коишто веќе ги правиме, со модернизацијата којашто ја планираме  – и со свои сили, и со поддршка на американската армија, убедена сум дека армискиот полигон Криволак ќе биде најдобриот полигон за вежби на НАТО на европскиот континент. И ова не се оценки коишто доаѓаат од нашата армија, туку ова се оценки што ги добив од страна на повеќемина американски НАТО експерти. Денеска покажуваме дека нашата инвестиција е видлива. Покажуваме колку се важни инженериските  единици во рамките на Армијата, кои практично врз база на сопствени сили,  успеваат да градат инфраструктура на Криволак, рече министерката и вицепремиерка.
Со оваа инфраструктура, додаде Шекеринска, ќе се зголеми мобилноста во рамки на полигонот, ќе се зголеми капацитетот за изведување вежби кои, како што рече, „навистина ќе бидат во ранг кој другите земји не го имаат, ниту пак можат да си го дозволат”.
Очекува дека Криволак ќе биде ресурс и за локалениот развој бидејќи со можноста за изведување големи вежби, ќе има и поголема потрошувачка и поголем интерес од страна на повеќе НАТО-армии.
-Сакам да им честитам на инженерците. Денеска видовте овде и многу искусни и многу млади припадници на инженериските единици. Практично цел месец живеат овде, работат и благодарејќи на новата механизација, успеваат со свои ресурси, без набавки, без приватни фирми, многу побрзо да ги реализираат овие задачи. Едниот ваш колега искоментира дека побрзо се вршат работите отколку во нормални околности. Тоа е точно. Кога армијата, прво има луѓе, и второ има опрема да тоа го сработи, истакна министерката за одбрана.
Посочи дека оваа модернизација првпат ќе може да се види колку го зголемува капацитетот на Криволак следната година со најголемата европска вежба „Defender”, која еден дел ќе се одвива и кај нас.
-Ќе обезбедиме повеќе армии тука, ќе имаме неколку сојузнички армии како гости, меѓутоа ќе обезбедиме и побрз транспорт и помалку ангажман во и надвор од Криволак. Мислам дека ова покажува кои се капацитетите на нашата Армија и дека не е случајно тоа што е таа веќе НАТО-армија, нагласи Шекеринска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот