Шекеринска: Нема карт бланш за Владата на талибанците

Радмила Шекеринска
Радмила Шекеринска / Фото: МИА

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска овие два дена учествува на првиот физички министерски состанок на НАТО Алијансата, а една од главните теми е Авганистан, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во изјава за МИА, Шекеринска објасни дека министрите за одбрана на Алијансата ќе разговараат денеска за иднината на Авганистан, но и за лекциите што треба да се извлечат од оваа дводецениска мисија откако американските сили напуштија, а талибанците се вратија на власт.

На прашање дали смета дека НАТО членките треба да ги прифатат талибанците како легитимен соговорник, Шекеринска вели дека на нив останува да се докажат.

– Ова се теми коишто следниот период ќе се отворат. Практично сегашната власт на Авганистан самата ќе треба да покаже за што се залага, како планира да владее со земјата и во зависност од нивниот ангажман, во зависност од нивните дејствија ќе биде и одговорот на меѓународната заедница. Карт бланш нема да добијат, изјави министерката за одбрана.

За Шекеринска Алијансата се покажа успешна во справување со причината поради којашто влезе во Авганистан: спречување на ризиците од терористички напади во земјите членки.

– Навистина во тој период таа контратерористичка активност успеа и донесе резултати. Прашање е дали соодветно формулиравме следните цели во Авганистан, дали тие беа реалистични, дали е можно тие да се постигнат само со воени или претежно воени мерки. Дополнително мислам дека е важно да се зборува и за одлуката за заминување но и за фактот дека во изминатиов период НАТО успеа да евакуира повеќе од 130 илјади граѓани на Авганистан коишто помогнаа на Алијансата и беа од помош, коишто учествуваа овие 20 години како поддршка на нашите вооружени сили, вели министерката и истакнува дека за краток временски период безбедно се дислоцирани 130 илјади Авганистанци во некои од земјите членки на НАТО.

Таа додава дека сега во тек е процесот на решавање на статусот на овие луѓе, процес во кој учествува и Северна Македонија.

– Република Северна Македонија и во тие моменти покажа дека е сојузник на кој НАТО може да се потпре. И денеска имаме одреден број на авганистански граѓани коишто се сместени кај нас како некаков вид на транзит кон некои од другите земји членки коишто им понудија целосен пакет. Понудивме и обезбедивме медицинска поддршка и на дел од оние коишто се сместени и во Косово, сѐ со цел да бидеме од помош на луѓето коишто им помагаа и на нашите војници и офицери, рече Шекеринска.

Новост е и дека Северна Македонија од идното лето ќе се приклучи на мисијата „Зајакнато напредно присуство” која е стационирана во балтичките земји на граница со Русија.

– Тоа е една од мисиите којашто ја спроведува НАТО, присуство во позначителен број на воени капацитети коишто се распределени во областа на балтичките држави. Ние сметавме дека е тоа добра шанса и за нашите вооружени сили да покажат дека придонесуваат, но е, верувајте, одлична шанса и за нив да вежбаат и развиваат капацитетот за интероперабилност со земјите членки на НАТО. Така што очекуваме ние учеството да се реализира од јуни месец 2022 година како дел од словенечкиот контингент, а под контингентот на Канада, објаснува министерката за одбрана.

Ова, за власта во Северна Македонија се смета за шанса за поголема соработка и со Канада која раководи со тој дел од оваа мисија, како и со Словенија и со Летонија каде се стационирани силите, но и со Црна Гора која е исто така дел.

– Ќе обезбедиме ротации на различни единици коишто ќе се менуваат и тоа ќе значи дека во еден период ние ќе нудиме еден капацитет, Црногорците ќе го надополнуваат, а Словенците ќе бидат тие коишто ја координираат оваа трилатерална соработка. Добро е и за нашите билатерални односи со сите овие земји а добро е и за нас како нов сојузник да го ставиме македонското знаме на повеќе локации. Оваа мисија на Алијансата е една од операциите “коишто ја дефинираат позицијата на НАТО, дека е подготвена да биде присутна во сите сојузници особено на нејзините источни граници, изјави Шекеринска.

Министрите за одбрана на НАТО ќе посветат сесија и на глобалните геополитички предизвици.

– Поставување на НАТО со својата политика за одвраќање, што подразбира поголема кохезија, поголемо присуство на НАТО и соодветни политики коишто треба да ги формулираме во пресрет на мадридскиот самит којшто ќе се одржи следната година. Практично ова е работата со којашто започнавме по последниот самит и во насока на документот НАТО2030. Сите теми коишто тогаш беа актуелни сега се уште поактуелни, порача министерката Шекеринска.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот