Шекеринска: Нашиот потполковник позитивен на коронавирус пристигна во Скопје, неговата состојба е стабилна

Рано утрово нашиот потполковник пристигна од Централноафриканската Република во Скопје. Добро го поднесе летот и сместен е на Инфективната клиника, посочи министерката за одбрана Радмила Шекеринска на својот фејсбук профил.
Директорката на Клиниката д-р Милена Стевановиќ не’ информираше дека потполковникот е во добра општа состојба и стабилен. Му посакувам брзо да оздрави. Благодарни сме на Инфективната клиника и на сите кои учествуваа во медицинската евакуација, вели таа во својата објава.
Заболениот македонски офицер беше во Африканската Република во улога на обучувач на локалните воени сили, заедно со уште еден негов колега од Македонија. Од Клиниката за инфективни болести вчера посочија дека се чувствува мала доза на паника, бидејќи е познато дека овој вирус се шири побрзо од останатите соеви на коронавирус.
Во текот на вчерашниот ден, Шекеринска посочи дека одлуката е донесена релативно брзо, меѓутоа она што е најважно е дека има одлична соработка меѓу нашите здравствени власти и со европските институции. Доколку состојбата не му била влошена, немало да се пристапи кон овој чекор.