
Шекеринска и заедницата на демократии
Западните либерали зборуваат за надвиснатата опасност од ширење на војната и дека сè друго мора да се тргне настрана во име на безбедносната политика. Очигледно има пари за оружје, но не и за основната благосостојба и за секојдневните потреби на обичните луѓе.
Демократијата е под закана, но мнозинството од нас не го сфаќаат тоа. Веројатно така би можело да се опишат ставовите и расположенијата присутни на најширок план во добар дел од земјите на Западот. Силите што се борат против демократијата се појавуваат насекаде, имаат голема моќ и немаат скрупули. Тие што не го гледаат тоа се наивни.
Препорачано
„Во овој понестабилен и поопасен свет, демократиите мора да преземат акција“, смета заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска. Со влегувањето во НАТО, како што тоа беше случајот и со најновата членка, Шведска мина низ сложено патување кон членството во Алијансата и „се приклучи на заедницата на вредности, демократија, слобода и владеење на правото“, порача Шекеринска на безбедносната конференција посветена на стратешката визија на НАТО под новото раководство, која деновиве се одржа во шведскиот зимски туристички центар Селен.
Шведска, а претходно и нејзиниот сосед Финска, своите развиени демократии, неретко опсипани со високи оценки и пофалби во меѓународните истражувања и вреднувања, ги внесоа во НАТО семејството, зајакнувајќи го неговиот демократски корпус. Го внесоа и владеењето на правото, како силен гарант на слободата и демократските вредности.
Во повеќе од половина од европските земји, вклучувајќи ги и членките на НАТО, степенот на владеење на правото е намален во текот на изминатата година. Можеби не толку во скандинавските земји Шведска, Финска, Данска и Норвешка, кои и понатаму се на врвот на табелата, според извештајот на „Ворлд Џастис проџект“ за 2024 година, но Турција, втора по големина армија на НАТО, вообичаено во ваквите и слични мерења и рангирања, е пласирана на самото дно меѓу европските земји, заедно со Русија.
Дното на табелата редовно е резервирано и за балканските земји, вклучувајќи ја, се разбира, и НАТО-членката Македонија, која мошне малку се има прославено со заложби за јакнење на принципите на правната држава и владеење на правото, и почитување на демократските принципи во функционирањето на институциите. Двата процента доверба во македонското правосудство се само дел од поразителниот биланс на перцепцијата која е доминантна во пошироката јавност.
Прашањето за функционална демократија и владеење на правото, гледано според широчината на НАТО и неговите 32 членки, е, најблаго речено, дискутабилно. Тоа не би можело лесно да се поттурне како малку насобрана прашина под тепихот за да не се гледа, без оглед во колкава мера би било непримерно и несоодветно да се зборува и за извесно заземање страна и покажување „разбирање“ за заканите кои европските демократии ги доживуваат од страна на Русија и авторитарниот режим на Путин.
Што се однесува до заедницата на демократии, онака како што, на пример, ги гледаме и доживуваме скандинавските земји, во нив, уште од самиот почеток на руската војна во Украина, владее речиси компактна осуда на таквата примена на воена сила за постигнување цели во меѓународните односи. Но, едновремено, и високите дострели на либералните демократски вредности во западноевропските општества се изложени на притисок.
На шведските телевизиски канали веќе не можете да слушнете никакво друго мислење, или барем малку поинаква перспектива при анализирање на војната во Украина и нејзините реперкусии, освен од најмногу десетина дежурни репортери и аналитичари, воени експерти и актуелни министри. Никакви „поинакви“ мислења не можат ни случајно да го пробијат, или на некаков неконтролиран начин да прелетаат преку цврсто поставениот медиумски ѕид зад кој се пласираат информации до јавноста. Слободата на изразување, правото на информации од повеќе независни извори, медиумските слободи, сето тоа се вбројува во традиционалното сфаќање на придобивките во либералните демократии. Но медиумската слика во Данска или во Шведска е прилично поразлична од онаа во, да речеме, Унгарија или Словачка, кои се исто така членки на НАТО, но не се откажуваат од своето право да размислуваат поинаку.
Требаше ли Доналд Трамп да победи по вторпат на американските претседателски избори за да се зајакнат сознанијата околу тоа. Екстремната десница и популистите веќе ги диктираат условите и принципите на владеењето во повеќе европски демократии, а забележаа и големи успеси на ЕУ-изборите. Традиционалниот партиско-политички естаблишмент во Франција и Германија, и во други земји, се соочува со големи проблеми во изнаоѓањето решенија за коалициски капацитет. Последица на тоа е опаѓање на симпатиите и довербата меѓу нивните избирачи. И тоа, исто така, не може да се одвои и да се тргне настрана од темата на зголемените закани пред кои е исправена демократијата во глобални рамки. Но и самите либерали тешко се престројуваат за да можат на поефикасен начин да одговараат на предизвиците кои ги носат промените.
Исплашени луѓе престануваат да размислуваат критички. Шведската демократија, во еден од најзначајните нејзини историски мигови, не се повика на највисокиот механизам, референдум, пред зачленувањето во НАТО. Партиите во парламентот решија сами да ја донесат таа одлука, без да побараат мислење од граѓаните. Аргументот беше дека Шведска мораше да се приклучи за да ја осигури сопствената безбедност.
Сега политичарите велат дека сликата на заканата против Шведска е зголемена, бидејќи членството во Алијансата ја прави да биде легитимна цел. Како што некои шведски коментатори забележаа, тоа е токму она што „ние презрените и исмеани противници на НАТО“ рековме дека ќе се случи. Дали се очекуваше со повторното доаѓање на Трамп за да се засилат недоумиците и нејаснотиите околу тоа? А на безбедносните конференции, како споменатата одржана во шведскиот Селен, како и обично, не се случува некакво посебно спротивставување на различни мислења и гледишта. Поканетите учесници, всушност, само меѓусебно си ги потврдуваат анализите, од кои медиумите потоа извлекуваат бомбастични наслови. Наслови што внесуваат страв и несигурност меѓу граѓаните.
Западните либерали зборуваат за надвиснатата опасност од ширење на војната и дека сѐ друго мора да се тргне настрана во име на безбедносната политика. Очигледно има пари за оружје, но не и за основната благосостојба и за секојдневните потреби на обичните луѓе.
Се ограничува слободата на говорот и на медиумите, на демократијата, во НАТО и надвор од него. Тоа е, судејќи според сè, само почеток.
(Авторот е новинар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“