Шекеринска: Граѓаните не сакаат да се коцкаат со тешко спечалениот капитал

Би било неодговорно да направиме што било што ќе го загрози членството во НАТО – стратешка цел број еден, макар и да ја одложи на одредено време. Баравме земјите членки да брзаат и ние треба мудро да го искористиме времето. Прашањето ни е важно и не е во ред да го одлагаме. Одложувањето на изборите не е опција.

Ова го изјави вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на новинарско прашање по презентацијата на буџетот за одбраната за 2020 година, на новинарско прашање коментирајќи ја изјавата на спикерот Џафери дека нема намера повторно да го свика распуштениот Парламент заради ратификација на Протоколот, во случај на одолговлекување на ратификацијата на протоколот за членство во НАТО од страна на шпанскиот парламент и при распуштено Собрание. За него, тоа треба да го направи новиот Парламент.

-Нашиот став е Собранието кое носеше тешки одлуки треба да биде и Собрание кое ќе ги потврди бенефитите од тие тешки одлуки. Не можете да барате од пратениците да гласаат за уставни измени, а од друга страна да им кажете не сте ни потребни  за да го потврдите нашето членство во НАТО. Гласаа за тие уставни измени и за да го направат сето тоа возможно и затоа нашата цел е тоа да го направи и да го ратификува  овој собраниски состав, рече Шекеринска.

Според неа, сепак е прерано да се донесуваат заклучоци  и оти  нивна цел односно цел на Владата е по Лондонскиот самит  и по првите сигнали од Шпанија околу формирањето на Владата во Мадрид да имаат средба со сите чинители  вклучувајќи го и претседателот на Собранието и на државата за да направат проценка за термините.

Подвлече уште еднаш дека целта ќе биде токму овој собраниски состав да може да каже дека заокружил со успех една стратешка цел  за која сме работеле  30 години.

-Мислам дека тоа ова Собрание навистина го заслужи. Од друга страна сметаме дека би било лош имиџ за државата да прави притисок, дипломатски напори да телефонираме кај сите кај кои можеме, за да ја забрзаме ратификацијата од земјите членки и кога тие ќе завршат ние да кажеме, а сега ние ќе почекаме едно три – четири месеци. Сметам дека тоа навистина не е опција. Граѓаните не сакаат да се коцкаат со тешко спечалениот капитал. Ние во 2008 видовме како од рака ни избега членството во НАТО. Апсолутно сметам дека би било неодговорно да направиме што било што ќе ја загрози оваа стратешка цел број едне, макар и да ја одложи на одредено време, децидна беше Шекеринска.

Таа појасни дека одложувањето на изборите не е опција, а веќе се разговара со дел од пратеници и со други институции за можност за свикување на Собранието и по закажување на изборите, оти вели тој собраниски состав е функционален. -Ние во ниеден момент не можеме да кажеме – немаме Собрание, рече Шекеринска и при тоа се огради од навлегување во детали за ова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот