Шекеринска: Денес НАТО е реалност, седумдесет години по основањето на Алијансата

Фото: МИА

Министерката за одбрана и заменик-претседателката на СДСМ од партиското седиште изјави дека триесет години се зборува за НАТО, а денес се одбројува до полноправно членство.

– Денес НАТО е реалност. Седумдесет години по основањето на Алијансата, стануваме 30-та, најмлада членка на НАТО, но еднаква и рамноправна. Дваесет и пет земји – членки ги завршија ратификациските процедури во нивните парламенти. Синоќа и САД ратификуваа со убедливо мнозинство од 91 глас за, а само два против. Успешно ја приведовме кон крај една од двете најважни стратешки цели на нашите граѓани – рече Шекеринска.

Шекеринска вели дека овој успех е заработен.

– Должност на секоја влада е да ги остварува задачите околу кои општеството се обединува, кои се израз на неговата кохезија. А тоа е НАТО. НАТО чува под својот безбедносен чадор една милијарда луѓе. Да се биде дел од клубот чие мото е „Сите за еден – еден за сите” е не само гаранција за безбедноста и заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет, туку е и порака кон светот дека ги разбираме и прифаќаме нашите одговорности во регионот и пошироко – истакна Шекеринска.

Да се биде членка на НАТО, потенцира, е предуслов за раст на економијата и отворање на работни места.

Шекеринска рече дека за две години имала чест да ја претставува државава на билатерални средби со 20-тина министри за одбрана на НАТО членки, а девет од нив ја посетија земјава за само една година.

– Имав две официјални посети на Пентагон. Во нашата земја повторно дојде секретар за одбрана на САД – нешто што не се имаше случено од 2004 година наваму. Ова меѓународно внимание кон нашата татковина не беше можно до пред две и пол години, бидејќи цели 10 години оваа земја немаше политичка визија, немаше политичко лидерство. Не можете да ја изолирате својата земја а да очекувате влез на инвеститори. Не можете да ја оддалечувате вашата земја од НАТО и ЕУ, а да очекувате пораст на странски инвестиции – истакна Шекеринска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот