Шегата настрана, Гренланд би ги решил сите проблеми на САД

Којзнае, ако во 1946 година Данска прифатела 100 милиони долари или ако претседателот Хари Труман понудил повеќе пари, Гренланд денес ќе бил 51. сојузна држава

Не само што Гренланд е поблиску до американскиот отколку до европскиот континент, туку и би претставувал копнен мост до Европа и до Арктикот, низ кој поминуваат важни трговски коридори и кој на своето дно крие огромни резерви нафта

Само 11 земји во светот имаат поголема територија од автономниот регион, кој, пак има површина поголема од Франција, Германија, Шпанија, Британија, Италија и Британија – заедно!

Весникот „Фајненшл тајмс“ пресмета дека продажната цена на Гренланд би била 1.100 милијарди долари – како комбинација од минералните резерви и стратегиската позиција.

Гренланд е најважниот центар за контрола на Северниот коридор – важната поморска рута што настојуваат да ја контролираат сите земји што гравитираат кон Арктикот

Идејата САД да го купат најголемиот остров во светот веднаш беше отфрлена како „луда“ и „апсурдна“ и поттикна низа шеговити и подбивни коментари. Но, како што поминува времето и како што се развиваат настаните, станува јасно дека претседателот Доналд Трамп со своите советници во Овалната соба сериозно ја разгледува можноста за купување на Гренланд.

Спроведувањето на таквата „луда“ идеја би го врежала името на Трамп во историјата. Како трговец со недвижнини, тој би ја направил бизнис-зделката на столетието, а како претседател, би заслужил место покрај Ендрју Џонсон, кој во 1867 година ја купи Алјаска од Русија, и Томас Џеферсон, кој во 1803 година ја купи Луизијана од Франција.

Колку и да звучи апсурдно денес, пазарењето со територии било вообичаено во изминатите два века. Не толку одамна, во 1946 година, веднаш по крајот на Втората светска војна, САД настојувале да го купат Гренланд од Данска. Откако властите во Копенхаген ја отфрлиле идејата за размена на територии – Гренланд за Алјаска – Вашингтон понудил да плати 100 милиони долари за островот. И таа иницијатива била отфрлена, но САД успеале да обезбедат договор во местото Туле во северниот дел на островот да ја задржат базата за ретанкирање гориво во стратегиски бомбардери и да ја прошират во воздухопловна база. Кој знае, ако прифатела Данска или ако претседателот Хари Труман понудил повеќе пари, Гренланд денес ќе бил 51. сојузна држава.

Откажана посета

Трамп призна дека „додавањето на Гренланд во неговите аквизиции недвижен имот“ не е приоритет на американската администрација.

– Стратегиски гледано, тоа е интересно и ние би биле заинтересирани, но ќе разговараме со нив малку. Но, можам да ви кажам дека тоа не е број 1 приоритет – изјави Трамп во неделата.

Но, за сериозноста со која Белата куќа го разгледува ова прашање сведочи и одлуката на Трамп да ја откаже посетата на Данска во рамките на својата турнеја низ Европа, токму поради тоа што неговата идеја беше отфрлена од данската премиерка Мете Фредериксен.

При посетата на Гренланд, данската премиерка Мете Фредериксен го оцени предлогот од САД како „шега што треба да се заборави“.

– За среќа, заврши времето кога купувате и продавате други земји и населенија. Нека остане на тоа. Шегата на страна, се разбира дека би сакале да имаме уште потесни стратегиски односи со САД – изјави Фредериксен.

Целта на посетата на Трамп на Данска беше да побара поголем придонес од Кралството за заедничката одбрана во НАТО. Вашингтон истакна дека придонесот на Данска мора да биде поголем, но не во пари, туку во нови воени бази, особено поради стратегиската позиција на Гренланд.

Трамп во септември требаше да го посети и Гренланд и да се сретне со провинцискиот лидер Ким Килсен.

Поголем од Мексико и Индонезија

Идејата е интересна за анализирање зашто проширувањето на Гренланд би било од огромен стратегиски интерес за САД. Не само што Гренланд е поблиску до американскиот отколку до европскиот континент, туку и би претставувал копнен мост до Европа и до Арктикот, низ кој поминуваат важни трговски коридори и кој на своето дно крие огромни резерви нафта. Уште повеќе, Гренланд со површина од 2,17 милион квадратни километри е најголемиот остров во светот, со територија поголема од Саудиска Арабија, Мексико и од Индонезија. Со него САД би ја зголемиле својата територија за една четвртина. Само 11 земји во светот имаат поголема територија од автономниот регион, кој, пак има површина поголема од Франција, Германија, Шпанија, Британија, Италија и Британија – заедно!

Голем дел од територијата на Гренланд е покриена со вечен мраз, но тој загрижувачки брзо се топи како последица на загревањето на Арктикот поради климатските промени. И додека научниците креваат тревога дека топењето на глечерите може да ја крене површината на океаните за неверојатни 7,5 метри, повлекувањето на мразот ќе го олесни експлоатирањето на огромните минерални богатства на Гренланд. За таму се знае дека се наоѓаат огромни депозити на ретки метали, вклучувајќи неодимиум, празеодимиум, диспрозиум и тербиум, кои се од непроценлива вредност за развојот на новите технологии и производството на современите електронски уреди – од мобилни телефони до роботизирани камиони и машини. Не се за потценување ни огромните резерви од јаглен, железна руда, цинк и бакар.

Цената, права ситница – 1.100 милијарди долари

Кина денес е најголемиот производител на ретки метали, а таа ја проширува својата доминација прифаќајќи го ризикот да ги експлоатира и застарените рудници низ несигурните земји од Централна и од Јужна Африка.

Агресивната надворешна политика на кинескиот лидер Сји Ѓинпинг ги поттикна Трамп и неговите помошници да развиваат планови како САД да обезбедат поголема економска независност, ако евентуално се разгори трговската војна со Пекинг. Стекнувањето на Гренланд не само што ќе ѝ обезбеди независност на Америка, туку ќе ја направи и доминантна во светот. Сликовит е примерот на австралиската компанија „Гренланд минералс“, која во 2007 година доби право да го развива рудникот Кванефјелд и се очекува да биде најголемиот производител на ретки метали надвор од Кина. Се проценува дека под површината има резерви од 100 милиони тони ретки метали.

Тоа значително ја зголемува вредноста на Гренланд, но тешко е и да се нагаѓа цената на островот ако тој навистина биде на продажба.

Трамп прв направи математика. Тој изјави дека Гренланд ја чини Данска 700 милиони годишно во субвенции, кои ги нагласи како „товар за данските даночни обврзници“.

Весникот „Фајненшл тајмс“ направи чекор понатаму и во хипотетичка ситуација на продажба на Гренланд пресмета дека цената би била 1.100 милијарди долари – како комбинација од минералните резерви и стратегиската позиција.

Битка за трговскиот коридор

Само оперирањето на базата во Туле веќе е огромна стратегиска придобивка за САД. На почетокот на Студената војна таму беа поставени американски воздухопловни сили и моќни радари, а базата сега ги покрива надгледувањето на вселенските активности и е клучен дел од системот за рано предупредување во случај на напад врз САД со балистички проектили.

Гренланд е најважниот центар за контрола на Северниот коридор – важната поморска рута која настојуваат да ја контролираат сите земји што гравитираат кон Арктикот. Битката за мапирање и навигација на Северниот коридор почнала уште во 19 век, бидејќи транспортот на стока преку Арктикот е побрза и поефикасна отколку преку Атлантикот и Пацификот. Проблемот со мапирањето во минатото било тоа што Арктичкиот Океан бил замрзнат поголем дел од годината. Во 1845 година загинале сите 129 члена на експедицијата на Британецот Џон Френклин, кога двата брода биле вклештени во мразот.

Денес, по 170 години од почетокот на трката, загревањето на планетата и побрзото топење на мразот го отвораат коридорот по неколку месеци секое лето. Во овие месеци транспортирањето стока од Кина и Јапонија кон Европа или САД се скратува по илјадници километри во споредба со вообичаениот бродски транспорт преку Панамскиот и Суецкиот Канал. Во 2014 година „Нунавик“ однесе никел од Квебек до Кина и стана првиот товарен брод што поминал низ Коридорот без придружба. Патувањето било „пријатно здодевно“ и траело 26 дена, дури 15 дена пократко отколку по вообичаената рута преку Панамскиот Канал.

Во 2015 година преку коридорот поминале 16 брода, во следната поминале 18, а во 2017 година поминале 32 брода, но само еден од нив бил натоварен со стока – другите биле претежно авантуристички и мразокршачи, а имало и еден воен крстосувач и еден танкер. Се истакнува дека со загревањето на Арктикот овој Коридор ќе биде сѐ подолго отворен, а со експлоатирањето на ресурсите од северните мориња и острови ќе се наметне и потребата од дотурање опрема до рудниците и транспорт на рудата или нафтата.

Канада тврди дека има суверенитет врз овој коридор што поминува најблизу до нејзините острови, но САД и другите земји чии интереси гравитираат кон северот го сметаат Коридорот за меѓународен.

Руски ветер

Русија, во исто време, засилено ги зајакнува економските капацитети на својот север и планира да инвестира милиони долари за изградба на мразокршачи на нуклеарен погон и за пристаништа покрај трговскиот коридор. Интерес за овој регион покажува и Кина. Државна градежна компанија лани објави планови за изградба на аеродроми на Гренланд, но ги откажа во јуни годинава.

За 56-те илјади жители на Гренланд, главно домородни Инуити концентрирани во места покрај брегот, најголемото богатство е рибниот фонд. За нив најголема закана не е евентуалното префрлање на суверенитетот од Данска на САД, туку незапирливото топење на глечерите, кои покриваат 80 отсто од територијата на островот. Топењето не само што го крева нивото на океаните, туку и го зголемува ризикот од реактивирање на закопаниот нуклеарен и друг отпад од поранешните американски воени бази изградени во времето на Студената војна.

Референдум е поевтина опција

Дури и да се спогоди за цената, Кралството Данска не може да го продаде Гренланд. Во Уставот на Данска е наведено дека сувереноста на Гренланд може да ја решаваат жителите на автономната територија на референдум. Затоа не се отфрла сосема можноста наместо да се пазари со Данска, Вашингтон да ги убеди жителите на Гренланд дека би им било подобро да бидат 51. американска сојузна држава отколку данска автономија и да побараат референдумско изјаснување.

Во 1261 година локалните жители се изјасниле да бидат под власта на Норвешка, а всушност владееле автономно поради оддалеченоста од Скандинавија. Во „Малата ледена ера“ во 14 век, кога температурите значително се спуштиле, многу жители на Гренланд ги напуштиле населбите на југозападниот брег. Во следниот век од непознати причини имало уште еден егзодус од Гренланд, а и денес не се знае што се случило со жителите.

Гренланд технички станал дел од Данска кога ова кралство загосподарило со Норвешка. Векови подоцна, во Наполеонските походи, Данска склучила сојуз со Франција, а Шведска со Британија. Како поразена во војната, Данска во Спогодбата од Кил се согласила да ѝ ја даде Норвешка на Шведска, во замена за Шведска Померанија. Но, Данска инсистирала да ги задржи норвешките колонии. Норвежаните се побуниле, одбивајќи да ја прифатат шведската власт, а Швеѓаните одбиле да ја отстапат Шведска Померанија, која завршила кај Прусија. Шведска конечно победила во војната со Норвешка, која за утеха добила широка автономија во скандинавската унија.

Додека нордиските сили војувале, Данска тивко го задржала Гренланд, сѐ до Втората светска војна, кога била окупирана од нацистичка Германија. Колонијалните власти на Гренланд, стравувајќи од инвазија од норвешките сили во егзил во Канада, побарале воена интервенција од САД. По победата на сојузниците, американскиот претседател Хари Труман решил да ги задржи воените бази на Гренланд и ѝ понудил на Данска да го откупи за 100 милиони долари, сума што денес би имала вредност од 1,3 милијарда долари. Данците љубезно одбиле и во 1953 година го промениле статусот на островот да не биде колонија, туку интегрален дел од Данска.

Инуитите, кои се огромно мнозинство на Гренланд, во 1979 година издејствувале автономија, со што домашните проблеми ги решавале домашните власти. Во 2009 година локалните жители го одобриле Актот за самоуправување, кој предвидувал Копенхаген да ја задржи моќта само во однос на надворешната политика и одбраната.

Поаѓајќи од ваквата сложена историја на Гренланд, не може сосема да се исклучи можноста да бидат создадени услови жителите самите да ѝ ја откажат верноста на Данска и да побараат да се приклучат кон Америка.

САД имаат и друга опција, ако сакаат да ги користат стратегиската положба и природните ресурси на Гренланд – да ѝ платат на Данска лиценца за користење бази и рудници.

Бела и студена земја со „маркетиншко“ зелено име

Гренланд со векови гордо го носи името „Зелена земја“ иако никогаш откако е населен (барем досега, кога се чувствуваат последиците од глобалното затоплување) не изобилувал со шуми и зеленило, туку бил белоснежен и студен.

Според Сагата за Ерик Црвениот, островот го добил името од норвешки истражувач, кој сакал да му даде попривлечен назив отколку, на пример, студениот Исланд (Земја на мразот). Леиф Ериксон, синот на викингот Ерик, токму од Гренланд отпловил од местото што го нарекол Винланд, а за кое се смета дека денешен Њу Брунсвик на територијата на Канада, што значи дека  Викинзите векови пред Колумбо чекореле по Америка, но и дека огромниот остров служел како природен мост кон новите континенти непознати за Европа. Таа сага исто така може да биде искористена како аргумент на Трамп во обидите да го купи Гренланд – да ја спои Америка со островот со чија помош била откриена.

Пазарењето за Девствените Острови

Во времето кога парите вределе повеќе од териториите и народите, Америка веќе успешно тргувала со Данска. Во 1867 година за сума од 7,5 милиони долари го купила архипелагот што денес е познат како Американски Девствени Острови. Но, пред Сенатот на САД да го ратификува договорот, островите ги збришал ураган, па сенаторите се предомислиле. Новиот обид за продажба бил направен во 1900 година, кога САД понудиле 5 милиони долари, но тогаш одбила Данска.

За зделката придонесле уништувањата од Првата светска војна. Во 1917 година САД и Данска конечно се спогодиле островите да бидат продадени за 25 милиони долари.

Историски познат е договорот со кој САД во 1867 година ја купила Алјаска од Русија за сума од 7,2 милиони долари. Претходно, во 1803 година, САД ја купила Лујзијана од Франција за 15 милиони долари и во 1854 година Тусон и околните градови во Аризона за 10 милиони долари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот