Шега на Владимир Путин во денешните закани за бомби во скопските училишта

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Во електронската порака со закани за поставени бомби, која беше испратена денеска до осум скопски училишта, е напишана шегата која рускиот претседател Владимир Путин ја кажа пред неколку дена на настан во Москва, објави Мета.мк.

За време на последната пленарна сесија на 19-от годишен состанок на Меѓународниот клуб за дискусија „Валдаи“, на прашање на Димитрис Константакопулос, поранешен советник на грчкиот премиер Андреас Папандреу и поранешен функционер на СИРИЗА: која е пораката на Путин до обичниот, просечен жител на една западна земја, претседателот на Руската Федерација, меѓу другото, ја кажа и шегата:

„Во тој контекст, се сеќавам на една шега која неодамна им ја кажав на моите колеги. Еден мој познаник од Германија ми ја кажаа оваа шега пред некое време. Си била една фамилија, и синот го прашува таткото: „Тато, зошто е толку ладно овде?“. Таткото одговара: „Затоа што Русија ја нападна Украина“. Детето прашува: „А каква врска имаме ние со тоа?“. Таткото: „Ние им воведовме санкции на Русите“. Синот: „Зошто?“. Таткото: „За да направиме да се чувствуваат лошо“. Синот: „Тогаш, дали сме ние Руси?““

Истата конверзација меѓу татко и син е напишана и во електронската порака испратена денеска до скопските училиштата, со минимални промени во содржината. Наместо „Зошто е толку ладно овде?“, во пораката е наведено дека детето прашува – „Зошто е толку лошо да се живее тука?“. Остатокот од шегата е идентичен, пишува „Мета“.

Денешните дојави за бомби се продолжение на сличните закани кои минатата недела со денови ја прекинуваа наставата во скопските средни училишта.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека изворот на лажните закани за бомби најверојатно потекнува од надвор од државата.

Од март наваму, лажни закани за бомби во училиштата потресоа и повеќе земји од регионот.

Шест училишта во Скопје добија закани за поставени бомби

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот