Шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас пречекан со протести во Тирана

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој денеска допатува во посета на Тирана, беше пречекан со протест пред албанското Министертвото за Европа и надворешни работи.

Протестот, за кој организаторот немаше дозвола, во неколку наврати премина во судир меѓу демонстрантите и припадниците на полицијата.

Според полицијата, приведени се 18 лица, од кои тројца се организатори на протестот, осомничени за „организирање и учество во толпа без дозвола” и „непочитување на полициска наредба”. Меѓу приведените е и лидерот на албанскиот огранок на косовското Движење „Самоопределување” Бојкен Абази.

Поголем број од учесниците се казнети и со по 25 евра за неносење заштитна маска.

Демонстрантите се обидоа да ги блокираат патот и влезот во МНР бидејќи Дендиас првата средба ја имаше токму во зградата на Министерството со неговиот домаќин, Генц Цакај.

Шпетим Идризи, лидер на Партијата правда, интеграција и единство (ПДИУ) фрлил шише со вода врз придружбата на грчкиот министер.

– Шишето требаше да падне врз главата на Дендиас за да се освежи, изјави за медумите Идризи, кој премиерот Рама го нарече „грчки тројански коњ”.

Освен ПДИУ, организатор на протестот беше и здружението „Чамарија”, на протераните Албанци од Грција во 1945 година кои бараат враќање на нивните имоти во Грција и укинување на грчкиот воен закон од 40-те години на минатиот век.

Дендиас, освен со Цакај, ќе се сртне и со премиерот Еди Рама, со претседателот Илир Мета, со опозицискиот лидер Љуљзим Баша, со Вангел Дуле, претседател на Партијата за заштита на човековите права, партија на албанските Грци, како и со грчки бизнисмени кои се активни во Албанија.

Посетата ќе ја заокружи со средбата со поглаварот на Албанската афтокефална црква Анастас Јанулатос.

(Извор:МИА)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот