Шефицата на ММФ предупредува: Постои ризик од социјални немири без поголема помош од развиените економии за земјите во развој

Фото: euractiv.com

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева ги повика развиените економии да обезбедат поголема помош за земјите во развој, предупредувајќи на „големите дивергенции” во глобалниот раст што може да ја загрозат стабилноста и да предизвикаат социјални немири во годините што доаѓаат.

Британските медиуми ја цитираат Георгиева во оценката дека 50 проценти од земјите во развој се изложени на ризик од натамошно заостанување, што предизвикува загриженост за нивната стабилност и потенцијални социјални немири.

– За да се избегнат поголеми проблеми, богатите земји и меѓународните институции треба да вложат повеќе, додаде таа.

Таа, исто така, ги повика високо задолжените земји да не чекаат со преструктуирање на долгот, изјавувајќи дека е подобро тоа да се стори порано отколку подоцна и да се подобрат условите за раст.

– Фокусот во минатата година беше ставен на локдаунот, а годинава се соочуваме со ризик од големата дивергенција, оцени Георгиева вчера за време на видео-конференциска врска со повеќе светски медиуми.

Според неа, ММФ проценува дека земјите во развој кои со децении се приближуваат до просечното ниво на глобален доход, овојпат ќе се најдат во многу потешка ситуација.

Падот на животниот стандард во земјите во развој, рече Георгиева, ќе го отежне одржувањето на стабилноста и безбедноста во остатокот од светот.

– Кој е ризикот? – Социјални немири. Можете да го наречете загуба на раст од една деценија. Може да биде загуба на една генерација (20-30 години), рече таа.

Георгиева додаде дека развиените економии во просек трошат околу 24 проценти од бруто домашниот производ (БДП) на мерките за поддршка за време на пандемијата, во споредба со 6 проценти од БДП на пазарите во развој и 2,0 проценти во земјите со ниски приходи.

Таа истакна дека активностите за вакцинација се нееднакви и дека сиромашните земји се соочуваат со „огромни тешкотии”.

Мароко е единствена африканска држава што започна со вакцинација на населението за што Георгиева изрази сериозна загриженост за зголемената смртност во многу земји на континентот.

Шефицата на ММФ кажа дека забрзувањето на вакцинацијата може да ја зајакне глобалната економија за 9.000 милијарди долари до 2025 година, при што 60 отсто од користа ќе ја имаат земјите во развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот