Шефицата на канцеларијата на грчкиот премиер во Солун ќе го промовира брендот „Македонија”

фото: МИА

Да придонесе во промоција на брендот „Македонија” е една од целите и задачите на шефицата на канцеларијата на грчкиот премиер во Солун, која денеска беше назаначена со одлука на претседателот на владата на Грција, Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретната функција ја презема поранешната пратеничка од Нова демократија, Мариа Андониу.

– Целта е канцеларијата на премиерот во Солун да добие суштинска улога и содржина, не само за контактите со граѓаните и справување со проблемите на градот, туку и во соработка со заменикот министер за Македонија и Тракија и локалните власти да придонесе во развојот на регионот и промоција на брендот Македонија, соопштуваат од кабионетот на Мицотакис.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на новинарско прашање дека кога претходникот на Мицотакис, Алексис Ципрас ја отвори канцеларијата на премиерот во Солун, Нова демократија сметаше дека е бескорисна канцеларија, министерот и портпарол на грчката влада, Стелиос Пецас, рече дека тогаш не постоеше „штетниот Договор од Преспа”.

– Многу работи се сменети од тогаш, а основното што е сменето е дека во меѓувреме дојде национално штетниот Договор од Преспа и како што знаете премиерот во неговата агенда ја стави заштитата на брендот Македонија и промоција на македонските производи секаде во светот. Сметаше дека е соодветно да се задржи оваа институција, рече Пецас и објасни дека шефицата на кабинетот на премиерот во Солун, ќе биде канал на комуникација меѓу премиерот со заменикот министер задолжен за Македонија и Тракија , со префектот со градоначалникот и со локалните власти во поширокиот регион на северна Грција за, како што рече, „да го имаме посакуваниот резултат”.

Во однос на позицијата на Грција за проширувањето на ЕУ, европската перспектива на Северна Македонија и евентуалната позиција што Атина би ја заземала во октомври, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, Пецас рече дека „алтернативниот министер за надворешни работи Варвициотис, има дадено објаснувања за овие прашања и за позицијата во однос на проширувањето со земјите од регионот”.

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис на 29 август ќе биде во Берлин, а на агендата, како што рече Пецас, во одговор на прашањето на МИА, ќе бидат сите билатерални и европски теми,  рефроматорскиот план на Грција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот