Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок утре доаѓа во Скопје

Аналена Бербок
Аналена Бербок / Фото: EPA-EFE/RUSSIAN FOREIGN AFFAIRS MINISTRY

Министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок утре ќе престојува во официјална посета на Македонија, на покана на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Таа ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Како што соопшти МНР, во рамки на својата прва посета на земјава, министерката Бербок ќе оствари средби и со парламентарната Комисија за надворешна политика, како и со претставници на опозициските партии.

Разговорите меѓу двајцата министри, како што се најавува, ќе се сосредоточат на пристапниот процес на државата во ЕУ, меѓу другото и на претстојните уставни измени, како наша преземена обврска за продолжување на процесот на преговори со Унијата. Теми на разговор ќе бидат и билатералните односи меѓу двете земји со акцент на богатата економска соработка, нашето претседавање со ОБСЕ и соработката во рамките на НАТО Алијансата во светло на разнишаната европска безбедносна архитектура.

-Посетата на германската министерка Бербок се толкува како јасен сигнал на Сојузна Република Германија за интересот на германската надворешна политика во насока на целокупна поддршка на нашата земја и нашиот евроинтегративен процес, особено во годината во која прославуваме значаен јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со пријателска Германија, пишува во соопштението од МНР.

Германското МНР претходно денеска, за посетата на Бербок на Скопје соопшти дека главниот фокус во разговорите ќе биде на пристапувањето на земјата во ЕУ, а особено потребата за уставни измени како неопходен чекор кон Унијата. По посетата на Скопје, Аналена Бербок во петок ќе отпатува во Грузија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот