Шеесет години „Психо“ – ултимативниот хорор

IMDB

„Публиката дотогаш не видела нешто слично – огромен шок од убиството на главниот лик и тотално чувство на дезориентација“, стои во сите новинарски, критичарски и академски текстови за „Психо“ (1960) на Алфред Хичкок. Сцената на убиството под тушот и врисокот на Џенет Ли, тој вртоглав след на слики, своевиден филм во филм, благодарение на музиката на Бернард Херман, е она што го прави „Психо“ фундаменталниот филм на стравот

Снимен по романот на Роберт Блох, кој пак е инспириран од новинарски текст за некој човек од Висконсин што го чувал телото на својата мајка, како и од дуализмот во фројдовската психологија, „Психо“ е архетип за психолошки трилер. Доаѓа по најголемите успеси на Хичкок –„Прозорец во дворот“, „Вртоглавица“ и „Север-северозапад“, направен за минимален буџет дури и за стандардите на шеесеттите години на минатиот век и премиерно прикажан во Њујорк на 16 јуни 1960.

IMDB

Рекламната кампања го позиционира како најстрашниот хорор некогаш снимен и како еден од најраните примери на графичко насилство во филм, најавувајќи го раѓањето на slasher филмовите.

Романот на Блох е мрачен, морничав, а ликот на Норман Бејтс е базиран на серискиот убиец Ед Гејн од Висконсин (инспирација и за убиецот во „Кога јагнињата ќе стивнат“), но Хичкок одбил сериозно да се занимава се случајот, бидејќи, како што и самиот вели во едно интервју, на тој начин ќе ја нема мистеријата и неизвесноста. Приказната на „Психо“ е позната – по кражбата на 40 илјади долари, Мерион Крејн (Џенет Ли) бега кон Калифорнија кај својот љубовник Сем. Попатно застанува во осамениот мотел, чиј сопственик е Норман (Ентони Перкинс) и исчезнува. Детективот Арбогаст (Мартин Балсам), заедно со нејзината сестра Лајла (Вера Мајлс), се обидува да дознае што се случило.

IMDB

„Психо“ е првиот американски филм во кој е прикажана тоалетна школка. Сценаристот Џозеф Стефано со помош на Хичкок ја додава оваа сцена како важен дел од дејствието, не само како дел од бањата. Два радикални потега што во тоа време се вистинска иновација во Холивуд – на половина од филмот главната актерка е елиминирана. На Хичкок му биле потребни 7 дена за оваа сцена – 45 секунди долга низа на слики, а за да се не се вознемират цензорите повлечена е снимката од голиот задник на Џенет Ли. Секако, и самата Ли не била баш најсреќна што требало да се појави гола пред камерите, па Хичкок ја донел егзотичната танчерка по име Марли Ренфо како дублерка.

IMDB

Гледајќи го целокупниот контекст, сето ова се случувало во американските соништа и кошмари и ја забрзало американската популарна култура во доба на пермисивност и екплоатација. Некои критичари тврдат дека „Психо“ е критика на материјализмот и лажните вредности на американската средна класа – неверство, мотели, разводи, продажба на автомобили и имоти, неконтролирана потрошувачка, полициска злоупотреба – сето она што Хичкок го претставува низ хумор, несакајќи да навлегува подлабоко во суштината. Но, она што интригира и по шеесет години, не е само сцената под тушот, туку начинот на кој Хичкок манипулира со својата публика уште од првата сцена во филмот. Публиката е поставена во улога на воајер и тоа во период кога воајеризмот е табу тема со која Холивуд не би се бавел. А Норман Бејтс е оној кој сака да гледа. „Предокот“ на Норман може да се најде во женскиот имитатор и убиец Хендл Фејн во Хичкоковиот „Убиство!“ (1930), на кого се реферира како „стопроцентна He-woman“.

IMDB

Играта со родовиот и сексуалниот идентитет е секогаш вознемирувачка, како што е во „Психо“ или комична како во „Некои тоа го сакаат жешко“ (1959) на Били Вајлдер. Така, Норман е директно контролиран од гласот на мртвата мајка, која го тера да ја убие секоја жена што сексуално го привлекува. И овде е стапицата која Хичкок ја поставува за гледачите: ја гради тензијата со тоа што до самиот крај крие дека убиецот е Норман, а не неговата мајка. Другото средство е драматичната музика, звукот на врисок и чкрипење секојпат кога „госпоѓата“ Бејтс напаѓа. Во сцената во која Лајла се престрашува од својот лик во огледалото, се случува измама – се слуша истиот звучен мотив, но убиството изостанува, а стравот кај гледачот останува.

Успехот на „Психо“ е и поради тоа што делува релативно едноставно. Уште поважен е ефектот кој го има врз социјалните и културните текови во 20 век, што го направија „Психо“ и неговите не толку славни продолженија и римејкови, траен и далекусежен феномен. Во документарецот на Тед Хејмс од 1999 година „Dial H for Hitchcock: The Genius Behind the Showman“ Брајан де Палма, веројатно најпосветениот „имитатор“ на Хичкок, со „Облечена да убива“ забележува дека Хичкок секогаш ги користел филмските елементи во нивната најчиста форма и го бранел својот начин на создавање инсистирајќи дека содржината е секогаш генерирана од стилот, а стилот е оној што ја создава емоцијата. Џон Карпентер, пак, токму во „Психо“ ја наоѓа инспирацијата за „Ноќ на вештерките“, а Стив Мајнер во продолжението „Ноќ на вештерките: 20 години подоцна“ прави омаж на филмот во сцената каде што Лори Строд (Џејми Ли Кертис) налетува на постарата госпоѓа, која ја игра нејзината мајка – Џенет Ли, односно Мерион Крејн.

IMDB

„Психо“ го менува начинот на кој функционирале филмовите и таа воајеристичка суровост оставила трага на кинематографијата – од франшизата за Џејмс Бонд до филмови како: „Бони и Клајд“, „Пеколен портокал“, „Таксист“, „Сјаење“, „Кога јагнињата ќе стивнат“, „Евтини приказни“… Ја прикажува автентичната американска параноја, а Хичкок успеал во намерата да ја заведе публиката со воајеристичкото возбудување од гледањето на сопствената мрачна страна, токму како што сугерира и Норман Бејтс на крајот на филмот: „Сите понекогаш сме по малку луди“.

Во 1962 година режисерот Франсоа Трифо ќе го интервјуира Хичкок, разговор во речиси педесетина часови, со помош на преведувачката Хелен Џ. Скот, што ќе резултира со книгата „Хичкок“ во 1967 година. Интервјуата се правени во студијата на „Универзал“ кога се завршува постпродукцијата на „Птици“. Книгата станува еден од класичните водичи за филмската уметност и занает, како и студија за Хичкоковото дело и запознавање на генерации режисери со овој врвен индивидуалист и автор. Во овој дел зборува токму за „Психо“

Трифо: Во „Писхо“ постои цела апаратура на производство на страв, нешто сенишно, таинствено, стара куќа…

Хичкок: Мислам дека таинственоста на амбиентот во извесна мера е случајност: во северна Калифорнија ќе најдете многу градби кои потсетуваат на куќата од „Психо“, попознати како „калифорниска готика“. Не почнав да снимам со намера да добијам атмосфера од старите филмови на стравот, сакав да бидам веродостоен. Нема сомнеж, куќата е верна репродукција на вистинска куќа, а мотелот е копија. Ги избрав таа куќа и тој мотел затоа што сфатив дека приказната не би имала ист тек со обична викендичка; оваа архитектура одговараше на атмосферата во приказната.
Трифо: Од друга страна, во „Психо“ нема ниту еден симпатичен лик со кој гледачот би можел да се поистовети!

Хичкок: Тоа не е ни потребно. Мислам дека публиката ја сожалува Џенет Ли во моментот на нејзината смрт. Всушност, првиот дел од приказната е токму она што Холивуд го нарекува „црвена харинга“, односно измама смислена да го сврти вниманието за убиството да изгледа посилно, што би претставувало потполно изненадување. Беше потребно почетокот да биде долг – сето она што се однесува на кражбата на парите и на бегството на Џенет Ли – за да се поттикне публиката да се запраша: дали ќе ја фатат? Се сеќавате на моето упорно истакнување на оние 40 илјади долари; пред филмот, за време на снимањето и до самиот крај настојував да го зголемам значењето на тие пари.

Трифо: Убиството со нож е навистина успешно!

Хичкок: Снимањето траеше седум дена и користени се седумдесет положби на камерата за тие 45 секунди! За сцената ми направија извонредно вештачко торзо исполнето со крв кое требаше да прска под убодите, но на крајот не се послужив со него. Го снимав со дублерката на Џенет; од Џенет се гледаат само рацете, рамената и главата, останатото е модел. Секако, ножот никогаш не го допира телото, сè е изведено во монтажата. Ниту еднаш не се гледа некој забранет дел од женското тело, бидејќи одредени кадри ги снимавме забавено.

Трифо: Тоа е сцена со неповторлива жестина…

Хичкок: Тоа е најнасилната сцена во филмот, а како што тече приказната насилство има сè помалку, бидејќи сеќавањето на првото убиство е доволно за моментите на напнатост што следат да станат навистина мачни.

Елена Димитровска/ФИЛМ +

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот