Шарлатани во време на чума

Марин Гавриловски

а раководење во тешки времиња потребно е лидерство, визија и способност, атрибути кои, за жал, им фалат на нашите политичари, како на оние од власта, така и на оние од опозицијата. На оние со вувузелите и со тапаните местото им е на фудбалски натпревар, не во парламент.

Веќе помалку го заборавивме кршењето филџани и снимањето пратенички на несоодветни делови на нивното тело во Собранието, настани кои го преокупираа јавниот дискурс пред францускиот предлог за себе да го земе целокупното медиумско внимание. Се прашував тогаш дали навистина тоа е нивото на нашите народни претставници кои во овие кризни времиња треба да ги застапуваат нашите интереси. И навистина, тоа не е нивото на нашите пратеници. Деновиве тие покажаа дека може да се спуштат уште подолу. Секое дно има дупло дно (ах, Горане Стефановски).

Го живееме времето на двегодишната ковид криза која како чума на дваесет и првиот век целосно го измени начинот на живеење, предизвика голема економска криза, чии последици допрва ќе ги чувствуваме, а војната недалеку од нас ни покажа колку кревок може да биде мирот во светот. Кризните времиња бараат и силни лидери кои можат и знаат да го најдат најдобриот пат, со што е можно помала штета, општествата да ги надминат проблемите и пополека да може да се вратат во нормала. А каде се и какви се нашите лидери и колку тие имаат слух за мислењето на мнозинството граѓани на Македонија? И тоа токму во времето кога нашата држава се соочи со најсериозниот предизвик во последните триесет години.

За жал, сите, и власта и опозицијата, паднаа на испитот кој пред нив беше олицетворен преку таканаречениот „француски предлог“. Толку аматеризам, невкусно и некултурно, а штетно за државата одесување не сме виделе одамна. Елементарно невоспитување е кога имате некој гостин дома (Урсула фон дер Лајен), а вие се однесувате некултурно, го прекинувате гостинот, не му давате да се искаже или на било кој друг начин го попречувате, а тој дошол обидувајќи се да ви го презентира своето мислење за работи кои ве засегаат. Па, дури и да е тоа мислење спротивно на вашето, културно е тој да се ислуша и потоа аргументирано да му се укаже дека не се согласувате со тоа.

Однесувањето на пратениците на Левица може единствено да се протолкува како домашно невоспитување, а нè искажување на својот став по прашањето на францускиот предлог. Исто така, несоодветно беше и однесувањето на најголемата опозициска партија. Парламентот (самото име тоа му го кажува: parlare – зборува) е форумот во кој народните избраници преку парламетарната говорница ги искажуваат своите ставови за одредени прашања. За да можат граѓаните да извлечат свои заклучоци за однесувањето на политичките партии и за нивните претставници во парламентот, потребно е тие да се во можност да ги слушаат обраќањата на пратениците. Тропањето и свирењето со вувузели не се методи со кои се брани одреден став, ниту пак се наведени во пописот и описот на работните задачи на еден пратеник за кои тој зема плата.

Ме фати срам од однесувањето на нашите пратеници. Во времето на формирањето на македонската држава, по распадот на југословенската федерација, постоеја пратеници кои со своето однесување отскокнуваа од однесувањето на другите свои колеги. Некои од нас се сеќаваат на пратеникот Митко Атанасовски и неговиот говор за врапчињата кои „од гранките ќе викаат ВМРО-Македонија“. Тој, како и другите „лоши момци“ од тоа време се „мали деца“ во споредба со денешните пратеници кои се однесуваат несоодветно. За жал, може да се констатира дека ако тогаш пратениците кои се однесувале несоодветно биле малцинство во парламентот, денес тие се мнозинство, цели пратенички групи се сè, само не вистински репрезенти на народот кој ги бирал.

Политичките партии, нивните ботови и камарили треба да знаат дека граѓаните не се само наши или ваши, предавници или кукавици, туку дека постои уште една катергорија граѓани, а тоа се оние кои си ја сакаат својата држава, кои знаат да ги ценат нејзините интереси и одлуките ги донесуваат така што проценуваат со својата глава што е најдобро за нив и за државата, а не со партиски директиви и диктати. Тие граѓани некогаш проценуваат дека власта е во право, а некогаш дека опозицијата застапува интереси кои се повеќе во полза на државата, па се приклонуваат еднаш на едната, друг пат на другата страна.

Политичарите и оние од власта и оние од опозицијата треба да знаат дека токму тие граѓани се оние чиј глас треба да се слуша во моменти на криза кога е пресудно каква одлука ќе се донесе со цел да се излезе од таа кризна состојба. Ако се нема слух за нивните мислења, тогаш одлуката која политичарите ја носат секогаш е спротивна на националните интереси, бидејќи токму тие (партиски неопределените) граѓани се оние кои непристрасно можат да проценат кои се интересите на Македонија и тие одлучуваат кој ќе го има мнозинството на некои следни избори. Праксата покажува дека тие граѓани на следните избори ја казнуваат онаа власт која работела спротивно на интересите на државата.

Сè додека лидерите и раководствата на политичките партии сметаат дека само тие се апсолутни сопственици на вистината и дека само тие знаат што е добро за државата, не слушајќи го при тоа гласот на народот, сè дотогаш тие ќе изгледаат како шарлатани кои немаат врска со реалноста и кои се однесуваат како да се дојдени од некоја друга планета.

За раководење во тешки времиња потребно е лидерство, визија и способност, атрибути кои, за жал, им фалат на нашите политичари, како на оние од власта, така и на оние од опозицијата. На оние со вувузелите и со тапаните местото им е на фудбалски натпревар, не во парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот