Шапуриќ: Откупени 60 отсто од планираните количества тутун

фото: МИА

Откупот на тутунот во земјава тече непречено и по неполн месец се откупени 60 отсто од планираните 26.000 тони, а просечната цена е повисока од ланската, констатира директорот на Државниот земјоделски инспекторат Зоран Шапуриќ кој денеска беше на увид на откупот во приелпскиот Тутунски комбинат.

-По непоилн месец од почетокот на откупот на тутунот, може да констатирам дека од планираните околу 26.000 тони тутун, досега се откупени околу 16.000 тони, што е 60 отсто од целата реколта. Ова е историски првпат забележано со таков интензитет да се откупи тутунот. Просечната цена варира, дополнително ќе имаме показатели, но факт е дека е повисока од ланската што беше 217 денари за килограм откупен тутун, изјави Шапуриќ.

Тој нагласи дека деветте откупувачи во земјава откупуваат непречено и исплаќаат во предвиденте рокови, па дури и порано.

-Речиси нема забелешки за текот на откупот. На вагите се поверениците на тутунарите и од 1.000 случаи има само две-три забелешки. Тоа е минимално и се тече регуларно, посочи  Шапуриќ.

Прилепскиот тутунски комбинат, според генералниот директор Кирил Станкоски смета дека ќе преземат количества тутун и повеќе од предвиденото, а просечната цена е историски највисока.

– Нема никаков проблем со текот на откупот. Се откупува на 25 пункта во Прилеп и во пелагонискиот регион. Процесот тече непречено, се исплаќа по еден ден од откупените количества и нема никакви проблеми. Просечната цена допрва треба да се анализира зашто се носат делумни количества тутун за откуп, но факт е дека е највисока досега, рече Станкоски.

Годинашнава реколта тутун е со висок квалитет и главно поминува во прва и втора класа, смета и тутунопроизводителот Горан Каранфилоски.

-Задоволен сум, се проценува реално. Тутунот, главно поминува во прва и во втора класа. Просечната цена, кај мене е од 220 до 230 денари за килограм. Имам произведено околу 3.500 килограми, а досега донесов за откуп околу 1.500 килограми тутун. Добро е, вели Каранфилоски.

Според темпото што не е забележано последните 20-ина години, откупот на тутунот од годинашнава реколта се очекува да заврши пред законските рокови, до 15 јануари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот