Шанса за Центар обвинува за кулите кај „Холидеј ин“, компанијата што гради се брани: Сѐ е легално

Паркингот спроти хотелот „Холидеј ин / Фото: Слободен печат

Граѓанската иницијатива Шанса за Центар, која на изборите освои три советнички места во Советот на Општина Центар, коментирајќи го започнувањето на изградбата на станбено-деловниот комплекс на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“, изрази „огромен револт и критика кон соучесништвото на Јавното обвинителство, Владата и градоначалникот на Општина Центар во уништувањето на достоинственото живеење на граѓаните на Oпштината“.

Од Шанса за Центар обвинуваат дека сите споменати „заедно учествуваат во создавење на хаотичен, валкан и нехуман простор – општина и град без иднина каде здравјето на сите е парола зад која крие инвестиција за профитот на малкумина“, упатувајќи остри критики кон новоизбраниот градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски.

„Справувањето со урбаниот хаос не е само изборен слоган, ниту садење цвеќиња, туку е вистинска борба! Ги изневеривте граѓаните уште во првиот месец по изборите и очигледно немате намера за бескомпромисна заштита на нашиот простор за живеење – ниту пак, за пркос и санкционирање кон сите што ја загрозуваат и деградираат нашата општина“, велат од Шанса за Центар.

Оттаму го повикуваат Обвинителството „конечно да постапи по преставката од ДКСК во врска со нелегалното носење на ДУПот“.

„ОЈО седум месеци не постапува по предметот – исто како што премолчено го одобрува и дивото градење кај „Беко“ на очиглед на полициската станица Центар. Јавното обвинителство треба да се бори против криминалот , а не да е негов нем поддржува“, велат од граѓанската иницијатива, додавајќи дека градоначалникот на општина Центар мора да издаде привремена забрана за градење, се додека ОЈО не го расчисти случајот. Воедно тој може да ги врати уплатените комуналии за овој објект на инвеститорот, а кои сѐ уште стојат резервирани на сметка на Општината токму со намена да бидат вратени доколку тоа е потребно“.

„Сето ова е можно, но вистинското прашање е дали се сака!“, се вели во реакцијата од Шанса за Центар.

На ова реагираше компанијата која го гради спорниот проект, МГ Фешн.

„Сакаме да ја известиме јавноста дека градежната дозвола е целосно усогласена со сите правни нормативи во земјата, а воедно истата е и правосилна, како што е легален и ДУП-от врз основа на кој е издадена. Ја замолуваме иницијативата „Шанса за Центар“ да не изнесува невистини во јавноста, за целосно легитимна правна постапка. Станува збор за постапка која е започната пред многу години и во истата нема никакви правни недоследности“, велат од компанијата.

„Потсетуваме дека МГ Фешн правото на сопственост го има стекнато со откуп на приватен имот и дооформување на парцела, односно откуп на државно земјиште од Министерството за транспорт и врски во 2018 година, а за откупот позитивно мислење има издадено и Државното правобранителство. Согласно членот во Законот за урбанистичко планирање на кој се темелеше иницијативата за суспензија на проектот, треба да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена при спроведување на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување. Ваква штета не е докажана, а воедно на овој начин одредбите од законот се злоупотребуваат за цели кои се во спротивност со јавниот интерес и правата на граѓаните“, додаваат тие во реакцијата.

МГ Фешн вели дека „Гранд Скопје“ ќе биде урбан и зелен комплекс со модерни објекти и во интерес на сите граѓани, како и дека тој ќе биде „со 40% искористеност од максимално дозволените урбанистички параметри во актуелниот ДУП“.

Со реакција на соопштението на Шанса за Центар се јавија и жители на Ново Маало, кое се наоѓа непосредно до предвидените кули. Дел од жителите денеска го поздравија почетокот на изградбата на проектот и најавата за обесштетување од страна на инвеститорот.

„Ние, жителите на Ново Маало, сме крајно револтирани од постапките на советничката група „Шанса за Центар” и Јана Белчева кои продолжуваат да ги манипулираат граѓаните на Центар. Неверојатно е како продолжуваат да ни оневозможуваат на нас граѓаните од Ново Маало да си ги оствариме нашите права, токму како што Белчева си ги остварува своите. Белчева од удобноста на својот дом заради политички поени спречува ние да имаме хумани услови за живот, но пострашно од тоа е што лицемерно се бори само против нашите градби, додека премолчува градби кои се од нејзин личен интерес“, се вели во соопштението испратено до медиумите.

„Ги повикуваме веднаш да се повлечат од идејата за понатамошни блокади бидејќи со почетокот на градбата на проектот ние жителите на Ново Маало во целост ги решаваме 50-годишните проблеми кои генерации од нашите семејства не успеваа да ги надмината. Доста ни е живот во кал и нерешени основни комунални проблеми во сред Центар на градот“, се додава во соопштението, потпишано само со „жители на Ново Маало“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот