Шампионски „грми“ во Аеродром, играчите славеа со „Фемили“!

Фото: facebook.com/kkmztskopje

МЗТ Скопје Аеродром го слави осмиот шампионски трофеј во првенството, а големиот успех играчите веднаш по мечот го споделија со верните навивачи, „Фемили“ кои ја даваа поддршката пред салата.

За неполни три месеци откако го презема кормилото на „сино-белите“, тренерот Дарко Радуловиќ го предводеше тимот на МЗТ Скопје Аеродром до додавање на уште два трофеја во клупските витрини и тоа трофејот од Купот и шампионскиот трофеј.

Првин „штрковите“ го освоија Купот „Благоја Георгиевски Буштур“, а речиси еден месец подоцна со 3:0 во финалната серија од плејофот против тимот на Еуро Никел 2005 ја освоија и осмата шампионска титула. Тренерот Радуловиќ е задоволен од својот тим, за кого вели дека го прифатил предизвикот да се носи со сиот притисок на еден шампионски клуб.

– Многу сум среќен од исходот, нормално. Презадоволен сум од пристапот на играчите, од професионалниот однос и од срцето што го покажаа. Цела сезона игравме под притисок дека имаме поголема клупа, а ние играме со иста ширина како на противникот. Меѓутоа, ние сме МЗТ и го прифативме притисокот да биде на наша страна и на крајот покажавме зошто е тоа така – рече Радуловиќ.

МЗТ Скопје Аеродром ја слави осмата шампионска титула

Капитенот на МЗТ, Дамјан Стојановски, вели дека крајниот резултат (3:0 во натпревари) воопшто не го отсликува квалитетот на противникот.

– Би сакал да им честитам на играчите на Еуро Никел за пружениот отпор, беа тежок противник. Знаеја како да играат, имаат искусни играчи на чело со Горан Самарџиев. Затоа ни беше тешко во серијата. Иако 3:0 скорот не го кажува тоа, сите натпревари завршија со два-три поени разлика што доволно говори за тоа каков противник е Еуро Никел. Ова е успешна сезона за нас, и психички и физички со оглед на пандемијата. Сега ни преостанува да одмориме па ќе видиме понатаму што ќе биде – вели репрезентативниот бек Стојановски.

Олуфеми Олуџоби, Американецот е горд на своите соиграчи со чија помош успеал да стигне до првиот шампионски трофеј во Европа.

– Искрено, ни олесна што заврши сезонава. Еуро Никел беа цврст противник, кој до крајот не се предаваше. Моравме да се се бориме напорно и со сите сили против нив. Прегорд сум на тимот, ова е неверојатно чувство. Прв шампионски трофеј ми е овој во Европа и се надевам нема да биде последен. Имавме успони и падови, но секогаш бевме сплотени и затоа ја освоивме титулата – се зборовите на Олуџоби.

Фото: facebook.com/kkmztskopje

Видео на денот