Јапонската тенисерка Наоми Осака која минатата недела триумфира на грен слем турнирот во Њујорк, поради повреда го откажа настапот на Ролан Гарос.
Осака уште додека се натпреваруваше на УС Опен имаше проблем со тетивата на левата нога, но успеа да ги надмине болките и да го освои третиот грен слем трофеј во кариерата.
„Здраво на сите. прво сакам да ви се заблагодарам на поддршката која ми ја дадовте во изминатите три недели. Овие резултати немаше да ги остварам без сите вас. За жал, оваа година нема да можам да се натпреварувам на Ролан Гарос. Сè уште имам проблеми со тетивата на ногата и немам доволно време да се подготвам за турнирот на земја. Им посакувам се најдобро на играчите и организаторите“, објави Осака.
— NaomiOsaka大坂なおみ (@naomiosaka) September 18, 2020
Пред да триумфира на УС Опен, Наоми Осака играше на Мастерсот Синсинати но беше приморана да го предаде дуелот во финалето токму поради повредата која сега ја оневозможи да настапи на Ролан Гарос.
Ролан Гарос ќе започне на 27. септември и ќе трае до 11. октомври, а на него покрај Осака, нема да учествува ниту актуелната шампионка Ешли Барти која остана во Австралија.