Шампиони во теории на заговор: За успешна вакцинација потребна едукација и избор која вакцина ќе ја примат!

скопје луѓе коронавирус ковид маски ковид-19
Патувањата во странство во претстојниот празничен период се „идеални“ за пандемијата да се разгори, Фото:EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Се наближува март, месецот кога во земјава ќе пристигнат вакцините против Ковид 19, со кои се очекува пандемијата да спласне и животот пополека да се врати во нормала. Но, паралелно со тоа се погласни се и оние луѓе кои што на социјалните мрежи шират лажни информации и полувистини, теории на заговор и целат на тоа да ги обесхрабрат другите да не се вакцинираат.

Истовремено и истражувањето направено од советодавната група „Балкан во Европа“, покажа поразителни резултати. Половина од анкетираните испитаници во Македонија одговориле дека или со сигурност или најверојатно нема да се вакцинираат против Ковид 19.

Оттука се наметнува прашањето, како да и се стави крај на антиваксерската пропаганда и како граѓаните да се мотивираат да се вакцинираат, нешто за кое што здравствените власти ширум светот се надеваат дека ќе претставува крај на пандемијата и ќе помогне животот да се врати во секојдневниот тек.

Психијатрите со кои „Слободен печат“ стапи во контакт, тврдат дека верувањето во теориите на заговор, како на пример дека во вакцините ќе има чип, што е комплетна невистина, се резултат на долгогодишното уништување на образованието во земјава како и во недовербата во вирусот и во севкупниот систем генерално. Токму во едукацијата, психолозите и психијатрите го гледаат излезот од магичниот круг на теориите на заговор и антиваксерската пропаганда.

Како никогаш досега, социјалните мрежи стануваат подиум за изнесување полувистини или комплетни невистини, непроверени информации и шпекулации, а самите социјални мрежи на корисниците им го нудат токму она што тие самите избираат да го читаат. Колку повеќе корисникот се интересира за теории на заговор, толку повеќе алгоритамот ќе му ги дава содржините за кои што е заинтересиран.

Доктор Васка Митова, психијатар на Клиниката за психијатрија во Скопје, тврди дека пропустите во образованието години наназад се рефлектираат врз општата и врз здравствената култура. Таа за „Слободен печат“ ја истакнува потребата од поедноставена здравствена едукација, на разбирлив, народен јазик, но и тоа дека кога ќе дојдат вакцините кај нас, на граѓаните ќе треба да им се даде да изберат која сакаат да ја примат, за да се намали отпорот и да се зголеми довербата. Истовремено доктор Митова посочува дека на многу луѓе изминатиот период им се даде платформа да шират дезинформации на социјалните мрежи, па дури и на медицински лица и сега последиците се евидентни.

Д-р Васка Митова

– Освен теориите на заговор и недовербата во системот, има и недоверба во самиот вирус. Значи подлабок е проблемот. Отпорот кон вакцините е површински проблем, подлабоко е дека се нема доверба во системот, ни во здравствениот, ни во политичкиот, ни судството ни во образованието. А години наназад уништувањето на образованието, го прави ова тло подложно за развивање на вакви проблеми. Оние кои што се посклони на теориите на заговор, повеќе им веруваат на тие контроверзи, кои брзо и сензационално се шират меѓу населението. Социјалните мрежи и сите платформи на кои читаме вести, се така создадени да она што го бараш и читаш повторно ти се наметнува и повторно ти се нуди. Се бориме со тие лажни вести зашто една вистина не е толку сензационална за да стане вирална. Но ако некому му се слошило по вакцината, тоа ќе добие голема читаност. И со тоа треба да се бориме. А можеме да се бориме само со симплифицирање на вакцината, со едукација и истовремено стекнување доверба преку добар здравствен систем. Треба премногу едноставно да се објасни се за вакцината и уште поважно, за да можеме да имаме добра вакцинална кампања, треба да се понудат повеќе опции за граѓаните. Ако ги имаме трите вакцини, секој според својата проценка да може да се вакцинира со онаа што ќе ја сака, за да се создаде чувство дека граѓаните имаат избор. Тоа луѓето го сакаат, да имаат избор, смета доктор Митова.

Многу јавни личности и политичари во земјава, меѓу кои премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на државата Стево Пендаровски, јавно посочија дека ќе се вакцинираат и дека вакцините се безбедни.

– Не може некои шарлатани на социјални мрежи кои не се доктори да ни кажуваат дека тоа е чипирање на луѓето. Одбивам таква дебата. Во 21 век мораме да ја слушае струката и науката, рече претседателот Пендаровски додавајќи дека целиот државен врв треба да се вакцинира.

Истражувањето на јавното мислење на Бипаг, исто така покажало дека Македонија е рекордер во верувањето во теории на заговор, меѓу кои и тие дека вирусот е излезен од кинеска лабораторија по нарачка на кинеската влада, дека вирусот и 5 џи технологијата се поврзани, како и дека Бил Гејтс ќе стави микрочип во вакцината за граѓаните да бидат следени.

Во резултатите се потенцира дека тие што веруваат во теории на заговор, нема да се вакцинираат. Најсериозните причини што испитаниците ги навеле како причина да ја одбијат вакцината е тоа што таа била создадена во многу краток временски рок што кај нив предизвикува несигурност.

Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека активно работат на процедурите кои ќе следат во однос на претстојната вакцинација против ковид 19.

,,Ја подготвивме инфраструктурата за ковид вакцината и ќе ги преземеме сите мерки кои сметаме дека ќе бидат потребни. Се надеваме на активно спроведување на вакцинацијата на сите групи на граѓани, а ќе се обидеме преку постојана комуникација за покревање на свеста на граѓаните да апелираме дека треба солидарно сите да учествуваме во процесот на вакцинирање. Дел од овој вид на комуникација, односно кампања веќе е започнат и ќе продолжи да се реализира во периодот што следува, “, објаснуваат од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот