Шампиони на гневот

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Не е страшното што упропастивме триесет години и многу генерации, пострашното е што немаме волја, амбиција и цел од утре тоа да почнеме на подобро да го менуваме. Немаме ни човечки капацитети кои институционално треба да го направат тоа.

На едно меѓународно истражување Македонците (сите граѓани на Македонија, без разлика на нивната етничка припадност) беа рангирани како најгневен народ во Европа. Порано, пред неколку години, во такви слични рангирања бевме и меѓу најнесреќните, ако не и најнесреќни. Всушност, гневот и несреќата се комплементарни.

Веднаш искоментирав дека овие теми се едни од најзначајните што ние како општество треба да ги третираме, дискутираме и да најдеме соодветно, ефикасно и ефективно решение, ама за жал, ниту за тоа не сме капацитетни, бидејќи доколку би биле, немало да дозволиме да дојдеме до ова дереџе. Само неколку медиуми ја пренесоа оваа вест, а јас истакнав дека како и се друго и ова на социјалните мрежи (ФБ како платформа за лечење на фрустрациите и гневот на Македонците) ќе се прокоментира истиот ден и толку – по старата македонска позната „секое чудо за три дена, кај нас за еден“.

Гневот ќе не уништи како нација!

А дали ние разбираме дека во суштина станува збор за општото ментално здравје на нацијата: гневот е емоција, која ако ја имате секојдневно (како што е истражувањето) може да прерасне во сериозни ментални болести: депресија, анксиозност, панични напади и слични состојби кои го уништуваат човечкиот живот. Но, кучињата си лаат (ние неколкумина), карванот си врви (политичарите си крадат и не се многу, многу заморуваат со гневот на народот). Појдете на пазарите, на каса во маркетите, ред чекајте во банка, возете се во јавен превоз, шетајте низ улиците и ќе видите се една и иста слика – разочаран и зомбизиран народ на кој, за жал, повеќе му се умира одошто да живее ваков кучешки, недостоен за човечко битие живот, бидејќи му преседнало веќе од сè. Причините се и повеќе од познати. Поминаа три децении од прогласувањето на независноста на Македонија, во која со многу елан, волја и надеж се влезе во една ера во која за првпат ние Македонците ја земавме судбината во свои раце и ќе можеме да се само(управуваме). Што добивме триесет години подоцна?!

Целосно партизирана и криминализирана држава, разрушен и уништен образовен и здравствен систем, катастрофално низок животен стандард, мафија насекаде во урбанизмот, здравството, бизнисот и политиката. Резултатите се тие, за мене сосема очекувани, дека сме шампиони на гневот. Нервозата што граѓаните ја истураат врз продавачката, шалтерскиот работник, пазарџијата, возачот во градски автобус, е реакција на еден акумулиран гнев и стрес од нивното жално и бедно секојдневие, кое општествениот и институционален систем им го сервира овие триесет години.

Да не се разбереме погрешно: таквиот начин на поведение (истурање на нервозата) врз недолжни работници не само што не го оправдувам, туку и го осудувам, бидејќи е сепак одраз на домашно воспитание и култура, која за жал и како ни фали во менталниот систем. Но, го разбирам нивниот гнев, кој е канализиран на погрешно место, бидејќи се сметаат за немоќни нешто да променат, па затоа „се истураат“ на послабиот од нив. Кога на сето ова ќе се додаде неевропската, непринципиелната, антицивилизациската политика што Европската Унија и НАТО – двете асоцијации кон кои се стремиме и имаме природно право да се зачлениме, но за волја на вистината, и сме притиснати да го направиме тоа поради повисоки геополитички цели и интереси – ја водеа кон нас, заштитувајќи ги фашистичките и негаторските барања на нивните членки, а наши соседи (прво Грција, сега Бугарија), кои ги кршат сите меѓународни правила и норми на меѓународни политички односи негирајќи ја употребата на нашето уставно име, јазик и идентитетски обележја – гневот и тоа како е оправдан.

Има ли спас за нас?!

Ова се добропознатите причини што доведоа до вакви апокалиптични последици, но има ли чаре, спас и решение?! Има, да, да почнеме од корен да ја средуваме нашата заедничка „куќа“, да заличи Македонија на пристојно и достојно место за живеење, од каде што нема како од црна чума да се бега и масовно да се иселува на Запад.

Не е страшното што упропастивме триесет години и многу генерации, пострашното е што немаме волја, амбиција и цел од утре тоа да почнеме на подобро да го менуваме. Немаме ни човечки капацитети кои институционално треба да го направат тоа. Живееме како вејки на ветрот, крпиме крај со крај, од месец за месец, за сметки и храна и така цел живот.

Илјадници немаат ни за толку. Затоа бев и сум еден од најгневните и најгласните колумнисти и аналитичари што беа против т.н. „француски предлог“, не бидејќи тој навистина ќе нè „бугаризира“, туку дека со прифаќањето на карикатурално-апсурдните барања на официјална Софија, ние ќе го изместиме тежиштето на европреговорите. И наместо да ги исполнуваме предвидените Копенхагенски критериуми, како последна шанса работите да мрднат од мртва точка во сите општествени сфери на живеењето и да почнат состојбите да се средуваат малку од малку, ние ќе се занимаваме со апстрактни работи, со историја. Се разбира под туторство на официјален Брисел.

А тој официјален Брисел дозволи прашањето за цар Самоил, Кирил и Методиј, Григор Прличев, Гоце Делчев и настаните од „Крвавото коледе“ да бидат клучни параметри што ние треба да ги „исполниме“ за да влеземе во ЕУ. Налет и таква ЕУ, која нема да ни донесе ништо суштинско добро: само нервози, џабе потрошена енергија и време и мултиплицирање на гневот. Јас затоа сум (нај)гневен!

Авторот е политиколог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот