Шаќири отворено: Нема пари за печатење на сите учебници

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека според податокот кој што сега го има, не верува дека целосно може да го затворат стручното образование со учебници зашто се работи за многу предмети.
Во изјава за Детектор на ТВ Сител Шаќири рече дека има многу стручни предмети за да можат сите да бидат покриени.
-Реално немаме пари за учебници по сите предмети во средното образование, изјави Шаќири.
Притоа тој додаде дека главна причина за доцнењето на учебниците биле воведените реформи и дека само одделенијата кои учат по нова програма имаат проблеми со учебниците, додека кај другите ученици иако со задоцнување, тие сепак се доделени.
Шаќири рече дека ќе вложи максимални напори да не се повтори повторно учениците да останат без учебници.
-Според податокот кој сега го имам, не верувам дека целосно можеме да го затвориме стручното образование со учебници зашто се работи за многу предмети. Реално, за средното образование немаме за сите предмети. За основното се обезбедени за сите предмети и за новата концепција и делот што останува за средното образование ќе се надополнува, рече министерот за образование.
Тој уште кажа дека сè уште не се размислува за опцијата учениците сами да си ги купуваат учебниците.