ВИДЕО I Шаќири од „Ромалитико“: Добро е што „Левица“ спречи Законот за лични карти да мине преку ноќ за да развиеме дискусија

Фото: youtube/printscreen

Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ кој е дел од граѓанското движење „Аваја“ ги повика поднесувачите на предлог-законот, пратениците, претседателот на Владата и претседателот на државата, сериозно да размислат за последиците од донесувањето на законот во кој ќе се воведе запишување на етничка припадност во личната карта.

– Ваквиот предлог, покрај тоа што ќе го наруши уживањето на основните човекови права, исто така ќе претставува и безбедносен ризик за ромската заедница и останатите помалку бројни заедници“, предупредува „Ромалитико“.

– Институтот остро се спротивставува на ваквиот предлог, бидејќи искуството покажува дека имаме неподготвеност на институциите да даваат еднакви услуги кон сите граѓани во државата. Со внесувањето на етничката припадност во личната карта ќе им се овозможи на институциите етнички да ги профилираат граѓаните и селективно да им даваат услуги, односно да ги ускратуваат правата на останатите заедници, особено на ромската заедница, велат од „Ромалитико“.

– Ние имаме конкретни аргументи зошто пишувањето на етничка припадност во лична карта би нанело штета на помалите заедници. Во јавноста не излезе ниту еден аргумент зошто е потребно да стои етничката припадност во личниот документ. Добро е што „Левица“ го спречи ова да мине преку ноќ и ни се остави простор да развиеме дискусија, затоа што сметаме дека пред да се донесе ваква клучна измена, Законодавниот дом треба да развие дебата со граѓаните , изјави Елвис Шаќири, извршен директор на „Ромалитико“ во „Утрински брифинг“.

– Етничката категорија во државата утврдува колку права ви следуваат, колку треба да бидете претставени во институциите и ова со етничката припадност дополнително ќе го влоши односот меѓу сите заедници во државата. Би сакале да ја потсетиме законодавната и извршната власт во државата на масовното прекршување на основното човеково право за слобода на движење кое беше прекршувано преку етничко профилирање на ромската заедница на граничните премини во државата во периодот 2009 – 2012 година. Преку етничко профилирање не им беше дозволен излез од државата на околу 7.000 Роми. Етничкото профилирање беше докажано преку индивидуални судски постапки, одлуката на Уставен суд У.бр.189/2012-1 и истото беше нотирано од страна на Европската Комисија и Комесарот за човекови права при Советот на Европа. Ваквата пракса на етничко профилирање беше нотирана и од страна на Европската комисија во прогрес извештаи на државата, вели Шаќири.

Целиот разговор со Елвис Шаќири, извршен директор на „Ромалитико“, може да го погледнете во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот