Шаќири: МИОА е исклучително посветена на визијата за отворена Влада

Јетон Шаќири / Фото: Архива на „Слободен печат“

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири денеска учествуваше на министерскиот состанок за Отворено владино партнерство (ОВП), во рамки на денешната седница на Владата, заедно со премиерот Зоран Заев и извршниот директор на Отворено владино партнерство од Њујорк, Санџај Прадхан.

На состанокот, како што соопшти МИОА, се разговараше за значењето на Отвореното владино партнерство за Северна Македонија и неговата имплементација и достигнувања, со цел унапредување на постојните вредности на транспарентно, отчетно и одговорно работење на Владата.

Министерот Шаќири посочи дека МИОА како надлежна институција за координација на процесот за ОВП работи во тесна соработка со невладиниот и јавниот сектор и е исклучително посветена на визијата за отворена влада.

– Зад себе имаме четири акциски планови и резултати кои направија промена во нашето општество и тоа не само како конкретно реализирани проекти, туку ја унапредија културата на работењето на институциите на начин што денес јавноста полесно може да го разбере работењето на Владата и да влијае врз нејзината работа преку вклучување во процесите на креирање на јавните политики и испораката на јавните услуги, рече Шаќири, додавајќи дека постојат механизми преку кои јавноста може да бара од Владата одговорност за нејзините политики и перформансите на испорачаните услуги.

Министерот Шаќири најави дека во јуни, како резултат на еден динамичен и инклузивен процес на подготовка, со активна вклученост на претставници од граѓанскиот и јавниот сектор, Советот за ОВП, Мрежата на граѓански организации за ОВП, ќе произлезе петтиот Национален акциски план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година.

Во меѓувреме, пуштен е во употреба порталот за Отворено владино партнерство кој преставува централна точка за консултација, мониторинг, вклучување, вмрежување и известување на сите засегнати и заинтересирани страни во овој процес.

– Верувам дека со иницијалната заложба во следните две години, да се работи интензивно на прашањата за пристапот до правда, правното зајакнување на граѓаните и унапредување на правната заштита особено на младите, маргинализирани групи и жени, унапредување на испораката на јавни услуги, продолжување на активностите поврзани со јавно објавување на информација за вистинските сопственици, отварањето на нови податоци, како и активностите за спречување на корупцијата преку унапредување на транспарентноста на процесот на именување на функционери, надоградба на системот за презентација и транспарентност на анкетните листови и изјава на интереси, ќе се обезбеди вистинско препознавање на резултатите а граѓаните ќе бидат во можност да ја потврдат промената, заклучи министерот Шаќири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот