Шахпаска: Во изолација се 482 деца и 77 вработени во градинките, но ситуацијата е под контрола

Во изолација се 482 деца кои посетуваат градинка и 77 вработени во градинките. Вкупната бројка на позитивни од 9 септември до вчера е 26 позитивни деца и 92 вработени во градинките, кои не се само негуватели и воспитувачи, туку градинари, готвачки, хигиеничарки и друг персонал, рече денеска во Утрински брифинг министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

-Уште со отворањето на градинките, на 9ти септември ние бевме соочени со голем предизвик, затоа што пред се, најважно е здравјето на сите граѓани, меѓутоа врвен приоритет претставува здравјето на децата кои започнаа да посетуваат градинка. Ја следиме состојбата, правиме контроли, на дневно ниво добиваме извештаи за новопојавени позитивни случаи како на вработени, така и на деца, и можеме да кажеме дека состојбата сеуште е под контрола. Тоа го велам затоа што бројот на деца кои што се позитивни, во однос на сите деца кои посетуваат градинка говори дека се почитуваат протоколите, здравствената состојба на децата и вработените е добра. Во јавноста ги коментираат бројките на лица кои се во изолација, меѓутоа ако еден неговател е позитивен, повлекува во изолација најмалку 15 деца и неговиот колега од истата група. Затоа бројот на изолирани делува голем и граѓаните поставуваат вакви прашања, кои се многу легитимни, рече Шахпаска.

Таа нагласи дека здравствената состојба на позитивните деца и вработени во градинките е добра.

-Имаше само две хоспитализации, на едно дете и на еден вработен. Голем дел излегуваат од изолација и се враќаат во градинките, како децата така и вработените, објасни министерката.

Таа нагласи дека во повеќе од сто градинки е направен надзор со цел да се потврди дали се почитуваат протоколите, а се прават и вонредни контроли во градинките каде што инспекторите утврдиле дека не се почитуваат котролите.

-Врз основа на тие вонредни надзори се даваат насоки да се отстранат недостатоците, а состојбата се следи непрекинато. Истовремено Државниот здравствен и санитарен инспекторат којшто е надлежен за спроведување на мерките од Протоколот, направи контоли на повеќе од 90 градинки, што значи секојдневно сме во тек со состојбата на терен, рече Шахпаска.

Во однос на Законот за заштита и спречување од дискриминација, Шахпаска нагласи дека истиот е многу важен за сите граѓани на државата.Во изминатиот период после укинувањето на Законот од страна на УСтавниот суд, ние немавме комисија кон која граѓаните можат да се обратат ако се чувствуваат дискриминирани и да побараат поддршка и заштита.

-Законот јасно ги дефинира дискриминаторските основи. Дополнително како основ за дискриминација е воведена сексуалната ориентација и родовиот идентитет, меѓутоа тука спаѓа и дискриминација по основ на пол, раса, општествен статус. Така што ова е едно законско решение кое ги штити човековите права и слободи, рече Шахпаска. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот