Шахпаска: Верувам дека и опозицијата ќе учествува во изгласувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Борбата против дискриминацијата е високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика и на Владата, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Итно донесување закон за спречување и заштита од дискриминација, со транспарентна постапка за избор на членови на Комисијата, со цел граѓаните да добијат квалитетна законска рамка и реформиран систем за ефикасна и ефективна заштита и превенција од дискриминација, побараа учесниците на денешната конференција „Сите, сега: одговорноста на институциите за обединување против дискриминација” организирана од Мрежата за заштита од дискриминација.

– Борбата против дискриминацијата е високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика и на Владата. Оттука, првото законско решение кое што излегува од Министерството е Законот за заштита и спречување на дискриминација. Ова е законско решение беше укинато од страна на Уставниот суд во мај оваа година и затоа како одговорна Влада во интерес на граѓаните сметаме дека ден поскоро законското решение треба да биде донесено во законодавниот дом низ една демократска процедура согласно деловничките одредби, изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Ова законско решение, рече таа, добило поддршка од меѓународни институции, Венецијанската комисија, а било поддржано и од 70 невладини организации од нашата држава во периодот кога опозицијата го кочела процесот пред две години.

– Верувам дека и опозицијата ќе учествува во изгласувањето на овој закон затоа што тој е по европски терк, согласно со регулативата на ЕУ и во него се дефинирани сите облици на дискриминација, основите за дискриминација, но пред се и избор на едно професионално финансиски независно тело како што е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација која што ќе ја сочинуваат професионалци, лица со седумгодишно искуство во сферата на човековите права, истакна министерката.

Извршната директорка на Фондација Отворено Општество – Македонија, Фани Каранфилова Пановска, вели дека во земјата се уште постојат проблеми во доменот на дискриминацијата. Голем број граѓани, додава таа, се на маргините на општеството. Според неа, со укинувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација голем број од граѓаните кои се дел од ЛГБТ заедницата, Ромите, сиромашните, жените, луѓето со посебни потреби итн. се наоѓаат во многу тешка ситуација.

– Сметаме дека е неопходно и повеќе од потребно политичките партии кои се дел од Парламентот да го донесат законот за спречување и заштита од дискриминација и тоа со консензус, особено оние политички партии коишто беа потписници на Декларацијата за приоритети за носење на овој закон со што ќе докажат дека потписот не бил ставен на Декларацијата само како писмен израз на волја во време на изборниот процес, туку дека навистина веруваат во ова. Со донесување на законот ќе се обезбедат механизми за заштита од дискриминација, ќе се обезбеди сите граѓани да имаат еднаков пристап до правда и еднакви можности. Исто така, ги повикуваме политичките партии во Парламентот со усвојувањето на законот и текстот на законот да овозможат избор на членови на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација и тоа во еден транспарентен и инклузивен процес за што граѓанските организации се залагаа во изминатиот период, потенцира Каранфилова Пановска.

Законското решение кое сега е во собраниска процедура, смета таа, не предвидува процедура за транспарентен и инклузивен избор на членовите на Комисијата.

– Се надеваме дека низ амандманската расправа и во текот на пленарната седница ќе се дојде до решение за да може законот покрај сите други иновации што ги содржи, да овозможи и процес кој ќе обезбеди инклузивен и транспарентен избор на членовите на Комисијата, вели таа.

Од Мрежата за заштита од дискриминација бараат итно усвојување на законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на Парламентот, но и потоа веднаш распишување на оглас за состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

– Владата не го прифати предлогот на Мрежата за заштита од дискриминација за дополнување на членот 18 со којшто ќе се овозможи транспарентна, ефикасна и фер постапка за избор на членовите за спречување и заштита од дискриминација. Во таа смисла и во пресрет на денешната седница на Собранието ги повикуваме пратениците веднаш да го предложат амандманот со што ќе овозможат транспарентен, фер и инклузивен процес за избор на членовите на Комисијата. Сметаме дека ова е исклучително важен временски период за носење на ваков закон и за воспоставување на вакво тело во пресрет на отворањето на поглавјата за преговори со ЕУ, рече Наташа Бошкова од Коалицијата Маргини, Мрежа за заштита од дискриминација .

Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ најави дека го поддржува барањето на Мрежата за заштита од дискриминација, за поднесување на амандман во однос на членот 18 којшто се однесува на изборот на членовите на Комисијата.

– Сметам дека со вакво амандманско решение навистина ќе се придонесе за потранспарентен избор на членовите на Комисијата што пак ќе води до поголема доверба на граѓаните во самата институција, односно на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, така што јас ќе го поднесам ова како амандман до Собранието, рече Морачанин.

Целта на конференцијата е да отвори дискусија со сите засегнати страни за потребата од итно и неодложно унапредување на системот за спречување и заштита од дискриминација преку интервенции во законската и институционалната рамка, како и преку преземање одлучни чекори, континуирана и координирана работа на сите институции во повеќе области кон унапредување на човековите права на сите, гарантирање на еднаквоста и промена на штетните практики кои генерираат нееднаквост и социјално исклучување на маргинализираните групи.

Конференцијата е дел од пректот на Коалицијата Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација: „Унапредување на еднаквоста преку следење и зајакнување на системот за спречување и заштита од дискриминација”, поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот