Шахпаска учествуваше на Подготвителниот состанок за нацрт Програмата на економски реформи 2021 – 2023

Министерството за труд и социјална политика во областа на пазарот на трудот во изминатите години активно учествуваше во делот на структурните реформи кои се дел од економските реформски програми, како што беше развојот и имплементацијата на индивидуалните планови за вработување кои ги спроведува Агенцијата за вработување – Гаранцијата за млади и Стратегијата за формализација на неформалната економија 2018 – 2022 година, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, во обраќање на Подготвителниот состанок за нацрт Програмата на економски реформи 2021 – 2023.

Како што соопшти МТСП, осврнувајќи се на мерката 12 – „Воведување на механизми за формализација на неформалната работа во сектори со најголема веројатност дека постои непријавена работа”, министерката Шахпаска информираше дека со цел имплементацијата на Стратегијата и Акциските планови за формализација на неформалната економија, со поддршка од Европската комисија отпочна проектот „Подобрување на условите за работа”, каде што дел од активностите се фокусирани на имплементација на механизми за формализација на неформалната економија.

Во соопштението се посочува дека Министерството за труд и социјална политика е носител и на мерката 19: „Зајакнување на системот за социјална инклузија на ранливи категории на лица”, во чии рамки активностите се групирани во две компоненти: „Активација на лица од ранливи категории на пазарот на труд” и „Подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги”.

– Од голема важност е поврзувањето на социјалната помош со активацијата на корисниците на ГМП, односно соработката помеѓу службите за вработување и социјална заштита, со цел да се поддржат и активираат корисниците на ГМП кои се вработливи. А во завршна фаза е прилагодувањето на софтверското решение на Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика, со што ќе се овозможи размената на податоци во реално време и заедничко изготвување на индивидуален план за најлесно вработливиот член на домаќинството, посочи Шахпаска.

Таа истакнa дека дополнително во 2022 ќе се модернизира законската рамка за вработување, вклучително и професионална рехабилитација на лица со попреченост, како особено ранлива група и притоа ги посочи социјалните претпријатија како особено значајни во создавање работни места и интеграција на најранливите категории на пазарот на трудот, вклучувајќи и лица со попреченост.

За таа цел, според Шахпаска, во текот на 2021 и 2022 ќе биде обезбедена финансиска и техничка поддршка за основање или водење на социјални претпријатија, коишто се фокусирани на работна интеграција на ранливите лица.

Во однос на втората компонента на мерката која се однесува на подобрување на достапноста на квалитетни социјални услуги, министерката информираше дека во текот на 2020 година Министерството за труд и социјална политика склучи управни договори со три даватели на услуги, а со 17 општини склучи договори за доделување на грантови за воспоставување и развој на социјални услуги.

– Во следните три години ќе работиме и на зајакнување на системот за следење, надзор и гарантирање на квалитетот на социјалните услуги на локално и национално ниво, за сите видови социјални услуги предвидени во Законот за социјална заштита, истакна Шахпаска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот