Шахпаска со ветување: Во 2021 година нов закон за работни односи, стабилен пензиски фонд и раст на минималната плата и пензии

Фото: mia.mk

Нов закон за работни односи кој се очекува да биде донесен следната година, стабилен пензински фонд и раст на минималната плата и на пензиите, вети денеска новата министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Дел од нејзиниот четиригодишен мандат ќе биде и изградбата на нови градинки и проширување на постоечките капацитети, заштита и поддршка на најранливите категории на граѓани, продолжување на социјалната реформа и на децентрализацијата на социјалните услуги на локално ниво, како и намалување на детската сиромаштија.

Презентирајќи ги целите што ќе ги реализира за време на нејзиниот мандат како министерка, Шахпаска денеска на прес-конференција во Владата рече дека за неа мандатното писмо што и го предал премиерот, значи преземање на обврска за чесно, одговорно и транспарентно работење во служба на граѓаните.

Законот за работни односи рече дека ќе биде донесен по широка, сеопфатна дебата со сите засегнати страни. Во него јасно ќе бидат дефинирани сезонската работа, синдикалното организирање и работата од далечина која се наметна како нов тренд со пандемијата од Ковид 19.

– Важечкиот закон е донесен далечната 2005 година и според сознанијата до кои дојдов од контактите со секторот труд досега претрпел 24 измени што значи дека веќе е дојден период кога треба да донесеме нов закон за работни односи кој ќе ги отсликува состојбите на современото време. Веќе во среда ја закажав првата седница на работната група која работела на измените на Законот во мандатот на претходните министри и започнуваме да работиме на овој закон, рече Шахпаска.

Почетокот на нејзиниот мандат, како што посочи, меѓу другото е посветен и на безбедниот престој на децата во градинките поради пандемијата со коронавирусот.

– Обезбедивме процес на безбеден престој на децата со сведување на ризикот за инфекција од коронавирусот на минимум, согласно протоколот усвоен од Комисијата за заразни болести. Здравјето на најмладите за нас е врвен приоритет и од тоа не отстапуваме. Но, морам да нагласам дека сите ние имаме одговорност и затоа апелирам до сите да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот Ковид-19, зашто само на тој начин ќе можеме да се заштитиме и да создадеме услови за сигурно работење на градинките, апелира Шахпаска.

Високо на нејзината агенда, како што рече, се наоѓа и родовата еднаквост, а законот за спречување на дискриминацијата е во собраниска процедура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот