Шахпаска со рускиот амбасадор Баздникин: Се трудиме да помогнеме на сите граѓани

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин, со кој разговараше за предизвиците во време на  пандемија на ковид-19 со која човештвото се соочува и тешките услови за економијата кои таа ги предизвикува, соопшти МТСП.

Притоа, министерката Шахпаска ги посочила мерките и напорите кои Владата и МТСП ги спроведуваат со цел минимизирање на негативните последици врз граѓаните и компаниите.

-Кризата со пандемијата беше неочекувана за сите нас, таа предизвика здравствена криза и криза на економиите во целиот свет и сега е најважно да се заложиме за сочувување на секое работно место и да помогнеме на сите граѓани, особено на оние најранливите кои се во социјален ризик. Заедно со мојот тим секојдневно дискутираме околу можностите колку што е можно повеќе да обезбедиме пристојни услови за живот и за децата кои потекнуваат од семејства од социјален ризик, рекла на средбата министерката за труд и социјална политика.

Шахпаска го запознала амбасадорот Баздникин и со новите закони и предлог законски решенија, кои се во собраниска процедура.

-Овие законски решенија се многу значајни заради доближување до граѓанскиот сектор, како што се Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и Закон за спречување и заштита од дискриминација, како и Законот за работни односи на кои работатат работните групи и кој претставува конкретно адресирање на проблемите за кои долги години наназад се бараше решение од областа на трудот и работните односи, истакнала Шахпаска.

Таа додала и дека во моментов се работи на подготвување и уредување на законската рамка на предлогот на Владата на РСМ  денот недела да биде прогласен за неработен ден за што, како што потенцирала, обезбедуваат општествено широка дебата, која ќе ги условува потребите кои се одраз на денешницата и ќе бидат во согласност со решенијата и позитивните практики утврдени од страна на Меѓународната организација на трудот.

На средбата министерката Шахпаска и амбасадорот Баздникин изразиле отвореност за соработка и надеж дека таа ќе допринесе што повеќе во интерес на сите.​ 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот