Шахпаска: Со деинституционализацијата Заводот за рехабилитација Бања Банско ќе прерасне во современ давател на социјални услуги

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска го посети Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско во Општина Струмица, што претставува дел од процесот на деинституционализација започнат со воведувањето на социјалната реформа.

Смислата на процесот  на деинституционализација, истакна министерката Шахпаска, е лицата сместени во институција, вклучително и лицата со попреченост во Заводот Бања Банско, да бидат сместени и живеат со поддршка преку системот на социјална заштита.

– Трансформацијата на Заводот ќе значи преобразба во еден современ давател на услуги согласно потребите на лицата со попреченост почитувајќи ги одредбите од конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост. Тоа значи и дека Заводот за рехабилитација во Бања Банско ќе биде давател на повеќе социјални услуги: рехабилитација и реинтеграција на лицата со попреченост, професионална рехабилитација и вклучување на лицата со попреченост на пазарот на трудот, а доколку има потреба, преку Заводот можеме да ја зајакнеме достапноста на услугите лична асистенција и помош и нега во домот за лицата со попреченост. Целта е лицата со попреченост да можат активно да се вклучат во општеството согласно нивните способности и  потреби, посочи министерката Шахпаска.

Министерството за труд и социјална политика покрај грижата за штитениците, додаде министерката, се грижи и за вработените, кои ќе бидат вклучени како даватели на новите социјални услуги, со помал број корисници и можност за сопствен професионален развој.

Општина Струмица претставува одличен пример како социјалните услуги функционираат на локално ниво. Министерката Шахпаска ги истакна позитивните искуства со Здружението „Покров” кое врши рехабилитација, реинтеграција и професионален ангажман на лицата кои се лекуваат од различни зависности. Исто така во Општина Струмица личната асистенција ја користат најголем број корисници во државата после Скопје, тоа се околу 40 корисници кои услугите ги добиваат преку подружницата на Црвениот крст во Струмица, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Директорката на Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско, Стојанка Изова информираше дека Заводот постои 47 години, време за  кое престојувале околу 300 корисници. Притоа, како дел од процесот на деинституционализација 11 корисници веќе живеат надвор од институцијата, со поддршка, во групни домови односно четири станови во Струмица, една куќа во Добрејци и Миравци.

Министерството за труд и социјална политика го продолжува процесот на деинституционализација кој треба да  одговори на потребите и барањата на лицата со попреченост за да се чувствуваат како активни чинители во нашето општество, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот